СВЕДОШТВА ЗА БОГАТИОТ МУЗИЧКИ ГЕН И ДАРБА НА ПРИЛЕПЧАНИ

Во Заводот и Музеј отворена роднокрајната музичка поставка

Лични предмети, нотни записи, музички инструменти, фото албуми, награди, признанија, дипломи, плакети, носачи на звук, постери, новинарски записи содржи роднокрајната постојана музичка поставка во прилепскиот завод и музеј. Експонатите сведочат за музичките успеси на познати творци со прилепски корен, за Пеце Атанасоски, Гога Зафироски, Коста Смилески, (флејтист и аранжер на музика) Илија Јанчулески, Влатко Стефановски, Нина Спирова, Блага Петреска, дуетот Селимова-Желчески, Ристо Бомбата, Бен Хур и Кучешка тенија, Крос роуд блуз бенд, КУД “Мирче Ацев”… Роднокрајната музичка поставка се подготвуваше 2 години. Содржи околу 200 предмети од 20-тина музичари и дејци.

– Проектот датира од 2019 година. Иако тогаш малку е направено, поради пандемијата, сега е комплетирана поставката која ќе се надградува. Изразувам благодарност за семејствата и до музичарите кои ги отстапија највредните предмети, единствени, и непроценливи, да бидат сведоштво за богатото музичко богатство, зашто Прилеп дал голем број значајни дејци и не само од музичката сфера. Ова недостасуваше. Затоа е уникатно – вели Лилјана Неделкоска, од Заводот и музеј.

За музичарите е гордост, а за семејствата на починатите изложбената поставка е почит.

– За идејава во Србија, беа зачудени. Воодушевена сум и оти не сум сретнала толкава почит за музичарите – рече Кевсер Селимова, која подари предмети од Ѓорѓи Желчески.

Некои од предметите од Пеце Атанасовски  сега се во витрината.

– Со години дома ги чувавме гајдата на Пеце, носијата, бројни предмети, а местото им е во музеј – рече ќерката, Весна Атанасовска Вучиќ.

За оддолжувањето на градот кон музичките семејства, благодраност изразија синот на спикерот и пејач на народни песни Гога Зафироски, Зафир, потоа синот на флејтистот Коста Смилески, Васко, сопругата на Сале од Крос роуд блуз бенд, братот на Нина Спирова и други.

Прилеп е пример за заштита на музичкото културното наследство.

– На секој начин се трудиме, се бориме да ги заштитиме, да ги конзервираме, да ги реставрираме. Би посакал сите објекти да бидат туристичка точка, бидејќи имаме во изобилство објекти од историјата. Би сакал секој град да има вакво катче. Не само од музичката, туку и од сите уметности – рече Аријан Асланај, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Инаку, ова е прва постојана музејска поставка од ваков вид во Македонија како доказ за македонската историја. Со отворањето на Роднокрајното катче, се промовира и монографија за 67 годинии на НУ Завод и Музеј Прилеп. Се одржа и пригодна мултикултурна програма во дворното место на Лапидариумот.

Блага Петреска: ПРИЛЕП Е “ТОП”

Меѓу предметите и записите има витрина и за прилепчанката Блага Петртеска која на 6-то издание на Прилеп фест 2022 ја доби Наградата за трајни вредности. Таа има посебно место со двостраната витрина поради обемноста на музичкиот материјал. Фолк дивата ги подари сите свои награди на родниот град. Воодушевена е од идејата и изложбената поставка.

– Горда сум. Тука сум во една витрина со она што ме обликуваше како уметник низ децениите. Ова е уникатно за моите прилепчани и родниот град – рече Блага Петреска.

Прилеп бил секогаш лидер во многу области.

– Првин телефонски се слушавме, а потоа и во Скопје каде нé покани на кадаиф и ни ги предаде сите музички награди, без да се поколеба. Прилепчани заслужуваат. Блага стана наша пријателка, секогаш ведра, расположена и позитивна. Најмногу награди добила за интерпретација, посебно и е драга наградата од Генералот на армијата, Плакетата од Крушево, Трето ноемвриската од Прилеп… Роднокрајната поставка ќе се збогатува со сите оние музички имиња со кои не успеавме да дојдиме во контакт – вели Неделкоска.

МЕСТО И ЗА ВЛАСТИМИР НИКОЛОСКИ, ЗАХАРИНКА, ИЛИЈА НИКОЛОСКИ – ЛУЈ, ЈОВАН БРМБЕСКИ…

Идејата за постојаната музичка поставка ја поттикнал музичкиот регистар, ВБУ и протојерејот Златко Ангелески.

– Во 2019 година поведов постапка, првин кај сопствениците, на веб-страницата да се отвори една ваква изложба на роднокрајно македонско музичко творештво, со посебен осврт на Прилеп. Идејата ја претставивме кај директорот Благоја Атанасоски, кој сесрдно ја прифати. Поставката ќе се надополнува, ќе најдеме и интервјуа дадени на балканскиот простор со музичарите од овие предели – вели протојереј Златко Ангелески.

Меѓу прилепчаните кои оставиле траен белег на македонската музичка сцена недостасуваат имињата на творците од сериозната музика и други.

– Се очекува витрините на музичката поставка да бидат дополнети со музејски предмети и на Властимир Николоски, Слободан Николоски, Горјан Коруноски, Богдан Шиндилоски – Данчо, Лена Трајковска, Захаринка Вртаноска, Диме Поповски, Благоја Челоски – Руското, Благоја Стојкоски – Капелникот, Ѓорѓи Шабаноски – Даскалот, Ордан Михајлоски – Оцка, Јован Брмбески, Сами Зекироски – Буцо, Васка Биџова – Гајдова, Љубен Димкароски, Илија Николоски – Луј, како и прилепските поп-рок состави Гарда, Трета димензија, Маркови внуци, Фластер Сити, Група “ЕС”, Електрони, Генеза, Рубини… – вели Златко Ангелески.

Loading