Иницијатива (7)
Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.
Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанецот на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк.
Новата опозициона партија станала популарна. Но, од ден на ден се множеле непринципиелните и незаконски сопки на власта, покрај тоа што била народна-републиканска и секуларна партија и се борела за слични принципи како и партијата на власт. Новата партија се залагала за промена на изборниот модел, за давање на право на глас и избор на жените, за пад на невработеноста, за подобрување на животниот стандард, ослободување од државно-административните стеги и за правото за слобода на мислењето и говорот. Тоа биле дополнитени поттикнувачки фактори за популарноста. Поради големата популарност и стравот од губење на власта, партијата на власт почнала да ја обвинува новата партија дека е комунистичка и реакционерна. Таа не се задоволувала само со лажните обвинувања и етикети, туку отишла и подалеку, користејќи ги државните институции, посебно полицијата, жандермеријата и другите безбедносни органи, отворено попречувајќи ги активностите, применувајќи разни закани и забрани. Најдобар доказ за сопките на власта претставувале случките во Измир, каде власта и валијата на градот создавале неред за спречување на митингот на лидерот на новата опозициона партија.
Покрај тоа, Слободната републиканска партија за кусо време се инсталирала во поголемиот дел на земјата, а на локалните избори од 1930 година постигнала голема и неочекувана победа. Поради ваквиот развој на настаните во Парламентот се воделе мошне жестоки расправи и меѓусебни обвинувања меѓу довчерашните сопартијци и соборци. Претседателот Ататурк се трудел да остане непристрасен. Кога увидел дека постои реална опасност од губење и на претстојните паламентарни избори, покрај дадените ветувања за непристрасност, веројатно плашејќи се од поголеми нереди во земјата, решил и де факто да застане на чело на Партијата на власт. Ова била последната капка во преполнетата чаша. Окјар и најблиските соработници по никоја цена не сакале да се конфронтираат со нивниот најблизок довчерашен другар, пријател, соборец и лидер. Анализирајќи ја настанатата состојба на крај Окјар и соработниците, во 1930 година ја укинале партијата. По ова се повлекол во Истанбул и три години не се сретнал со Ататурк. Свесен за неправдата и за зададената болка, Ататурк во неколку наврати на Окјар, преку пријателите му предложил продолжување на амбасадорската мисија во Париз, но го одбил предлогот. На интервенција на Ататурк, Окјар бил лекуван во Австрија. По закрепнувањето, првата средба со Ататурк ја имале во 1933 година, кога Окјар добил понуда за следна амбасадорска мисија, овој пат во Англија.
(продолжува)