СКОКАЛЧЕТО НЕ Е ПЕТЛЕ

Хумористична емисија на една ТВ. Без континуирана тема. Се редат парчиња , да речеме – скечеви. Едно почнува вака: “Треба да имаш кликер. Јас се снабдив со прехранбени артикли уште пред да поскупат цените”. Така вели човекот и сега продава од тие производи по стара цена. Не треба да се коментира колку е ова чист македонски јазик. Напротив, нечист јазик, како и обично. Што ли значи зборот “кликер”?! Во нашиот јазик тоа е СКОКАЛЧЕ. Некаде го викаат и ЏАМЛИЈА. Некогаш, многу одамна, постоеше пијалак, газоза, а шишето се затвораше со такво скокалче. Во српскиот јазик (скокалчето) се вика “кликер”. Таму тој збор придобил и некакво поинакво, преносно значење. Немање кликер значи недостаток на остроумност, на интелигенција. Ако некој не знае, не може да реши некој проблем, се вели дека не му работи кликерот, што би се рекло дека не му работи умот. Така е тоа во српскиот јазик. Кај нас, зборот скокалче (или џамлија) не развил такво значење. Некои го употребуваат зборот кликер под влијание на српскиот јазик, не знаејќи дека кај нас тоа не може така. Кај нас, ако некој бавно ги решава работите или ако воопшто не може да ги реши, би се рекло дека не му пее петлето. Може да се рече и дека не му пее пилето. Би можело дури и да се рече дека не му иде текнувалото. Можеби може и некако поинаку, но кликерот не е наш збор и не смее да се користи. Рековме, кај нас тоа е скокалче. Своевремено, тоа беа омилени играчки на децата. Најубави беа стаклените шарени скокалчиња, а се користеа и некои лагерчиња од некаква машина. Кога ќе се удрат на тврда подлога скокаа и затоа го добиле името скокалче. Во односната реченица актерот вели дека се снабдел со основните производи пред поскапуењето, пред да поскупат цените. Ете, со еден збор, две грешки. Зборот “поскупување” е српски со скопска наставка. Правилното е “поскапување”. Но, тука се крие и една друга грешка. Цените не можат ни да поскапат, ни да поефтинат. Поскапуваат и поефтинуваат производите, а не цените. Тие може да се намалат или да се зголемат, да бидат ниски или високи цени, а не скапи или ефтини. Оваа грешка ја слушаме често и од други места. Многу новинари известувале дека цените поскапеле!

Еден од актерите во емисијата сака да купи масло или зејтин како што го викаат тие и прашува – колку кошта! КОШТА не е наш збор, не треба воопшто да се користи. За жал, го слушаме мошне често. Не само по пазарите, туку еве и во ТВ емисиите. Колку ЧИНИ производот, а не колку КОШТА! Слушаме и грешка што ја прават мнозина, но тоа не смее во ТВ емисија. Еден од актерите кажува дека брзо ја завршил работата и вели “Јас тоа го завршив секундарно”. Мнозина, она брзо лепило го викаат “секундарно”, значи тоа ќе залепело за една секунда. Но, значењето на зборот “секундарно” е сосема поинакво. Секундарно значи нешто второстепено, нешто што е второ по ред или по значење. Нели латинските броеви се прима, секунда, терца, кварта… Имаме – примарно, секундарно, терцијарно. Значи, секундарно, не значи брзо.

Замислете, брзото лепило (“секундарно”) ќе залепело брзо, за една секунда. А ако лепи за една минута, тогаш како ќе го викаме? Веројатно – минутарно. На чаршузлиите не треба многу да им забележваме за ваквата грешка, но вака на официјални места тоа не смее.

Во емисијата ги набележуваме само овие грешки, а ги има многу. Односно, јазикот е мошне нечист. Веројатно свесно се оди на таа варијанта. Веројатно, можеби пак некој ќе рече дека тоа е СЛЕНГ. Погрешно! Сленгот се создава од својот јазик, а не е сленг ако се користат безброј србизми.

Loading