ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР ЗА ДРУГИТЕ ГРАДОВИ

Прилеп – добитник на наградата на ЕУ за “Најзелена општина”

Прилеп ја доби наградата за “Најзелена општина” за 2021 година како дел од кампањата за промоција на Европскиот Зелен Договор. Делегацијата на ЕУ ја промовираше “Наградата за најзелена општина” во кампањата за подигање на свеста и промовирање на Зелениот договор на ЕУ. На отворениот повик, по повод Светскиот ден на дивиот свет, сите општини беа поканети да аплицираат со прикажување на нивните најдобри примери за управување со цврст отпад во 2021 година. Одборот за евалуација, од 8 општини ги стави Кавадарци и Прилеп во потесниот избор и го препозна Прилеп како општина која најдобро ја покажа еколошката практика во управувањето со отпадот во 2021 година.

Признанието го врачи евроамбасадорот Дејвид Гир, а општината во холот ја постави и плочата за потврда на престижната награда.

– Како градоначалник на најзелената општина, сме горди домаќини на конференцијата “Најдобра пракса за управување со комунален отпад- затоа што немаме резервна планета” организиран од ЕУ – “ЕУ за општините”. Упатувам порака дека ние луѓето мораме да направиме сé што можеме, да живееме во здрава и чиста животна средина. Изразувам огромна благодарност за наградата и ве уверувам дека ова ќе претставува само дополнителен поттик да ги продолжиме добрите практики во оваа област. Цврсто стојам на заложбите дека и во иднина ќе претставуваме позитивен пример за другите општини да преземат конкретни чекори и да постигнат уште подобри резултати од Прилеп, во правилното третирање и управување со отпадот – рече градоначалникот Борче Јовчески.

Според евроамбасадорот Гир, ова е дел од Зелениот договор и Прилеп демонстрираше пример на долгорочно третирање на цврстиот отпад. Има позитивни примери во другите општини, а ЕУ досега инвестирала во повеќе проекти во градот.

-Проектот се реализираше во партнерство со граѓаните. Ова е и честитка до граѓаните. Наградата е дел од зелениот договор на Европската Унија и тоа е кампања која ЕУ ја проширува низ целата земја – рече Гир.

ЕУ даде дел од финансиската инвестиција за пречистителната станица, за изградба на фабриката за селекција на тврдиот отпад, за нови капацитети кај Вештачкото езеро, како и во населбата со ромско население.

-Државата се вклучува во растот на капацитетите за здрава животна средина. Општините немаат финансиски можности, затоа Владата се вклучува со 55 милиона евра од ЕБОР за градба на регионални депонии. Тоа ќе му помогне и на Прилеп и на сите општини за заштита на животната средина –  рече министерот за животна средина Насер Нуредини.

Амбасадорот Гир и градоначалникот Јовчески го посетија и  Прилепското езеро, чиј статус на спортско-рекреативен комплекс во хармонија со природата беше подобрен со поддршка од ЕУ вредна 0,47 милиони евра.

СЕЛЕКЦИЈА НА СТАКЛО И МЕТАЛ

Примарната селекција на отпадот од јавните површини е целосна, од домаќинствата е 80 насто. Вклучени се и 17 села. Од целиот отпад, годишно се селектираат 900 тони хартија и 100 тони пластика. Наскоро се вклучува селекција на стакло и метал. Ќе се изгради и фабриката за секундарна селекција за што се потребни дополнителни средства.

Околу 40 отсто од селектираниот отпад во Македонија, вклучувајќи го и Скопје, се селектира во Прилеп. Проектот датира од 2012  година, кога на секое семејство му е поделена по една зелена канта за органскиот отпад и жолта корпа за селекција на хартијата и пластиката.

Loading