ВО МАКЕДОНИЈА НИКОГАШ НЕМА ДА ИМА МИР

Бугарија и Грција нема да се откажат од политиката на опструкции додека постои и најмал знак на постоење на македонско национално ткиво. Грција ќе бара да се утврди нова северномакедонска заедница на граѓани, а Бугарија поголем дел од северномакедонците да се редефинираат како бугаромакедонци. Бугарија стави вето затоа што сме Македонци, а во ЕУ треба да влеземе како Бугари.

Што е историски заедничко со Бугарија? Дали илинденската епопеја може да е заедничка затоа што Бугарија прифати 78 000 бегалци од Македонија. Македонскиот народ, и во Првата светска војна, бил српско-бугарска жртва, а не градел заедничка историја со Бугарија.

Не постои ниту еден документ дека Гоце Делчев се борел за бугарски интереси. Каде е заедничко ако Гоце Делчев се борел за Санстефанска Бугарија (во чиј состав е и Македонија), а за нас за формирање на самостојна држава. Бугарските политичари родени подоцна од настаните за кои зборуваат, можеби не знаат оти бугарската фашистичка армија, полиција и администрација дојдоја во Македонија да му служат на Хитлер да не држи своја војска, туку Бугарите да бидат окупатори. Бугарите бараат да не го славиме 11 Октомври за национален празник, кога прилепскиот партизански одред со име “Гоце Делчев”, го нападна бугарскиот участак.

Нашиве политичари се откажаа од сопствениот народ и држава и полесно им е да се откажат и од македонското малцинство.      Само со прекин на договорот со Бугарија може да нé поштедат од поголеми незгоди во иднина.

Македонски аљази и џамбази од клептоманските кланови регистрирани како политички партии, ја голтаат, разнебитисуваат и ја уништуваат државата. Кој не сака да биде македонски министер и го става етничкиот пред државниот статус, нека поднесе оставка. Сите топтан, ДУИ и министрите, како да се дел од некоја посебна влада, одат на државна средба во Тирана и Приштина, а пораката е: “Ни се може”. Зошто македонските партии им се потребни за секакви комбинации. Ахмети се пофали дека треба да му бидеме благодарни што уште ја имаме државата, зошто, наводно ја одбил понудата за поделба на Македонија по етничка линија. А Груби вели дека новата историја на Македонија не може да се пишува без ОНА со епизодата од 2001 год. Сметки полагаат пред Калето и пред никој друг.

На НАТО му бевме потребни (не како воена сила) за да затвори некои големи политички поглавја. Македонија ќе се претвори во балкански Либан, а од Скопје ќе направат Бејрут.

Наместо од соседите да учиме како се штити националниот интерес, станавме поеманципирани од Холанѓаните, поголеми демократи од Данците, поголеми католици од Папата. Држиме лекции за решавање на спорови, живееме во илузија дека сме модерна земја, а всушност брзаме кон сопственото пропаѓање. Народот го плаќа куршумот со кој треба да биде убиен.

Дали Македонија каква што ја оставаме на идните генерации, ќе има доволно атрибути тие да ја чувствуваат за своја. Дали ќе успеат да ја сочуваат Македонија кога оваа генерација дозволи луксуз да се раздава сé што ја чини вредноста на оваа земја и да го трампи името и достоинството за грст евра и некои привилегии.

ПРИМ. ДР. Б. ДАМЕСКИ

Loading