СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (4)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на овој роден прилепчанец на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк. Интелектуалците од Прилеп, се носат со идеја за покревање на законита постапка преку институциите достојно да се одбележи значајната фигура во политиката на Турција од минатиот век. И локалната самоуправа е запознаена со иницијативата, во чии контури стои покревање на процес за изградба на спомен музеј или спомен куќа во Прилеп во соработка со турските власти и амбасадата на Турција во Македонија.

Непосредно пред официјалното воведување на повеќепартискиот систем во Турција во 1930 година, состојбите во земјата биле мошне тешки, а начинот како се владеело, покрај штотуку прокламираниот републиканско – парламентарен систем, повеќе личел на авторитарен – монархистички, со примеси на диктаторски режим. Ваквиот карактер на управувањето со земјата не дека бил избран и посакуван од тогашната власт, посебно на лидерот и основачот на современа Турција Мустафа Кемал Ататурк, туку бил плод на состојбите на домашен план.

Во тој период Владата водена од еден од најблиските соработници на Ататурк, Исмет Инени, пет години се обидувала да почне со решавање на мошне акутните проблеми од економска природа, со кои се соочувала земјата. Никако не можела да постигне поконкретен резултат. Во вакви околности и пред финансиски крах, граѓаните се бореле за гола егзистенција. Обидите за подобрување на неподносливата финансиска состојба, преку нови давачки во најсиромашните краеви на југоистокот, честопати завршувале и со побуни и појави на непослушност, кои на власта, поради страв ширење и користење од надворешните непријатели, биле оценети како реакционерни движења и немилосрдно задушувани. Поради ваквата состојба, во Парламентот, покрај стравот за искажување спротивно мислење од власта, одвреме навреме се воделе бурни расправи кои по некогаш завршувале трагично, со меѓусебни физички дури оружени пресметки. Во вакви околности Ататурк долго размислувал на кој начин безболно да се излезе од систуацијата. На крај ја пуштил идејата за формирање нова политичка партија, односно за воведување политички плурализам.

(продолжува)

Loading