КОЛЕГИ, ЧЕСТИТА 700-КА!

Гордана Цветаноска, главен и одговорен уредник на Радио Пела:

Новинарството денес е повеќе од професија. Тоа е борба за вистината, желба да се прикаже светот околу нас, да се презентираат страните од животот – добрите и оние кои не ги посакуваме, да се препознаат процесите, општествените движења… и да се опстане! Не би се сложила дека новинарството е само бележник, нем сведок на времето, оти новинарите се сé, само неми никогаш не биле. Напротив тие се гласници.

За нас новинарите оваа професија е стил на живот, постојана битка за сопствена надградба со технолошките процеси, сакајќи да опстанеме за да останеме луѓе на занаетот. Со оваа професија се изградивме и пораснавме, созреавме како деца на едно време кога работевме со магнетофони и машини за пишување, а денес компјутерот (мобилниот телефон) ни е секогаш при рака и буквално сме активни 24 часа.

Мачен е овој стил на живот. Тешко се обезбедува новинарскиот леб. Транзицијата во која Македонија е веќе 30 години ги остави на страна, ги поттурна и ги заборави новинарите и медиумите. Гласниците не им се потребни на големците, чунки така – со затворени усти, молчеливи, тие – новинарите ќе биле најдобри. Но, се излажаа, оти заборавија дека сме посебна “сорта”, гласници кои го сакаат занаетот, го сакаат својот град и ги почитуваат своите сограѓани, својата публика!

Можеби во некое време идно ќе се обвинуваме: зошто не се одметнавме во некоја друга професија, која е поценета, поплатена и подостоинствена, но денес сум убедена дека вие колеги, Зенитовци, како и останатите локални медиуми во Прилеп не ни помислуваат да замолчат.

Колеги, секоја чест и почит за вашата истрајност, 700 броеви на единствениот локален печатен медиум во Прилеп, и патем еден од ретките што опстојуваат во Македонија. Вие сте пример и доказ за тоа дека, сите заедно, сме посебен вид кој не се предава, дури и во најтешките услови за новинарите и медиумите во земјава.

Нека е честит јубилејниот број со вашите печатени изданија низ 15 години работа, и уште долго да ги пренесувате настаните, збиднувањата, сториите и општествените процеси од Прилеп! Чунки, само така може оваа професија да им ја пренесеме на новите гласноговорници.

Loading