ЕНИГМА Е КОГА ЌЕ СЕ ГАЗИ НА НОВИ ПЛОЧКИ

Киниса реконструкцијата на дел од центарот

– Се сече уште неизладен асфалт во Шарена чешма

Тргна реконструкцијата на дел од централната градска пешачка зона, дел од плоштадот “Методија Андонов – Ченто” на искршениот потег од споменикот на Пеце Атанасоски до ОУ “Кочо Рацин”. Поради претстојните градежниработи, локалните власти бараат од граѓаните и дуќанџиите трпение и претпазливост при движење во тој дел на чаршијата. Поради рекострукција и на водоводната мрежа ќе има прекин на водоснабдувањето.

Никој не знае зошто локалната самоуправа не го покажа проектот, ниту количината пари што ќе ги дадат граѓаните, ниту ја информира јавноста за рокот за завршување на работите. Останаа мистерија одговорите на овие прашања или предмет на нагаѓања или шпекулации.    

Како и да е, локалните власти дискретно асфалтираа дел од улиците во Тризла. Асфалтна покривка доби “Дабнички завој” со неколку краци или вкупно 300 метри.

По острите критики на граѓаните објавени во минатиот број на Зенит, Општината стана ептен експедитивна. Веднаш или можеби беше коинциденција, ги “засучи” ракавите. Дури во пазарна сабота на сообрајќаен метеж на приодите до пазарот ангажира фирма за асфалтирање на шест месеци истружените делови од улиците “Киро Пајмакоски”, “Браќа Ламески” и крак од улицата “Јоска Јорданоски” кај Шарена чешма в чаршија. Се обезбеди пристап да фрчат камиони полни со асфалт што испарува, да брмчат машините за постилање, за рамнење, додека валјаци од пепелта правеа “мас писта”. Конечно се суреди овој дел. Со насмевки, жителите од околината, радосно здивнаа од прашините што се креваа половина година.

Но, неделниот пороен дожд ги покажа мааните на брзите интервенции без надзор или аматеризмот на изведувачот. Без контрола на инвеститорот, локалнат самоуправа, изведувачите ги затнале речиси сите одливни шахти на дождовната канализација и неделниот дожд ги претвори новоасфалтираните улици во мало речно корито. Сета среќа што природата не ги покажа “поројните заби” со сета сила.

Еден рече, “кога не оди, не оди”. Среќата за граѓаните од овој дел траеше неполни 24 часа. И ним, и на инвеститорот им го заврти грбот. Во понеделникот пак збрмчеа машините, ама за сечење на уште не изладениот мек нов асфалт, оти пукнала водоводна цевка. И во вторникот уште еднаш настрада асфалтната покривка. Бревтаа машини за отворање на капаците покриени со асфалт и чистење на затнатите решетки. Работници од ЈП Водовод и каналзиација на повеќе места ги “бараа” затворените капаци и решетки на канализацијата. Пак го копаа, дупчеа асфалтот, оти на повеќе места не се совпаѓа нивелацијата на коловозот со котите на шахите на канализационата мрежа. Така, улицата има нов асфалт со многу дупки или испапчувања од капаците и решетките од канализацијата.

Loading