ПЕШНА – ПЕШТЕРА НА КРАЛЕ МАРКО, КОМИТИТЕ, ПАРТИЗАНИТЕ

Атрактивната пештера Пешна во близина на Македонски брод според спелеолозите, има најголем отвор на Балканот со височина од 40 метри, широчина 56 метри и должина од 124 метри. За жителите на Порече, таа е најпривлечна, оти е лесно пристапна, но и мистериозна, оти е многу енигматична. Од утробата извира цела река која тече од излезот вгнезден во густа шума со чист воздух. Пролетните води исчезнуваат во лето. Од некогашните 13 воденици денес ѕиркаат само камени остатоци од ѕидови. Според населението, водата понира од селото Крапа и формира неколку езерца и водопади во најголемиот пештерски систем кај нас, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.

Њујорк тајмс ја споредил со сцените од филмот ,,Господарот на прстените,,. Таинственоста ја откриваат жителите од селото Локвица. Според нив, пред пештерата имало гробница. Легендата што се раскажува вели дека таму живеела една од сестрите на Крале Марко, која се викала Пешна. Се верува дека според неа го добила името. Сведоштва се и остатоците од тврдината Дева во чие средиште била палатата на втората сестра на Марко. Едно од преданијата зборува за мистериозните подземни тунели. Според кажувањата, двете тврдини ги поврзувале ходници и канали под земја. Легендите потврдуваат дека животот во Пешна датира од неолитот, односно 5.000-6.000 п.н.е., кој траел до 15 век. Имало и римска населба. Сведоштво се остатоците од гробници крај пештерата. Подземјето служело и за засолниште за комитите и за партизаните.

Пештерата била истражувана од спелеолози од Црна Гора, Полска и од Франција.

Loading