МАРШ ЗА ТОЛЕ ПАША ВО МАРИОВО

Неколку стотина планинари од друштвото “Јане Сандански” викендов ќе ја одбележат годишнината од убиството на славниот војвода од Мариово, Толе Паша (Стојан Кулески). Со марш по патеките на војводата ќе пешачат да ја одбележат неговата храбра револуционерна борба. Ќе бидат положени букети цвеќе на гробот во селото Крушевица. Тој загинал во 1904 година кај селото Гуѓаково, заедно со својот син Велјан и осум други четници. Моштите се пренесени во заеднички гроб во селските гробишта во Крушевица во 2001 година.

Толе Паша дејствувал како ајдутски војвода. Станал комита, откако убил Турчин кој сакал да ја граби неговата невеста. Така станал мариовски војвода. Тој е македонски револуционер кој во Илинденското востание учествувал преку напад на гарнизонот во селото Витолиште.

Толевото име е прераснато во легенда која зборува дека него куршум не го пробива. Во борбата против беговите го издигнал името во Толе Паша, бидејќи по цело Мариово се распоредувал како турски паша.

За војводата Толе Паша народот испеал песна.

Loading