Пензионерите “живнаа” со попуштањето на мерките од доста долгото апстинирање од активностите скоро во сите пензионерски здруженија. Во прилепската асоцијација веќе се отвори централниот клуб. И во останатите 12 клубови веќе се “работи” под полна пареа. Се собираат пензионерите, разменуваат мислења, се договараат за активности, играат шах, табла, карти, домино. Се размрдаа и спортистите. Се подготвуваат за регионалните спортски игри. На музички план, се подготвуваат членовите на двете КУД “Пенка Котеска” и “Пензионер”. Ним им претстојат ревијалните регионални смотри во мај во Битола.
Полни раце работа има комисијата за здравство и социјална помош. Од планираните 2,5 милиони денари за помош на пензионерите веќе се доделени половината. За Велигден се доделија ваучери за набавка на производи за илјада денари на 300 членови со пониски пензиски примања и оние кои не примиле лани. За бањско лекување се поделени преку 270 илјади денари. Преку комисијата за здравство, 67 членови добија 220 илјади денари за ублажување на последиците од разни болести.
Според финансискиот план, се очекува и пред новогодишните празници поделат нешто повеќе од 300 илјади денари и за пензионерите кои годинава и лани не добиле било каква помош.