ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА ПИЕДЕСТАЛОТ

Битка за леб

Со експлозијата на цените на храната со конфликтот меѓу Русија и Украина, светот се тресе, оти му се заканува криза со непредвидливи и непроценливи димензии. Додека граѓаните во страв од недостиг на основните прехранбени производи, па и поради енормните поскапувања, трупаат дома големи резерви на храна, земјоделците се трудат, колку што е во нивна моќ, заедно со државните интервенции да го ублажат ударот на поскапувањата на маслото, шеќерот, брашното, млекото, месото…, па и на градинарските култури. Иако државата со неколку стотина милиони евра субвенции ги поттикнува земјоделците за зголемување на приносите и на површините под земјоделски култури, дури сега се откри круцијалното значење на производителите на храна. Додека трпезата е се попразна и се назира опасност да биде се посиромашна, а дел од граѓаните стравуваат од глад, земјоделците не се “ситат дека дошле нивните пет минути”. И нив ги освестуваат сé попразните рафтови во супермаркетите со “изгор” цените. Сите го ставаат прстот на умот и со поинакви очи го гледаат домашното земјоделско производство и актерите во аграрот.

Триесет ишестгодишниот Гоце Наумчески од селото Мажучиште е еден од ретките млади луѓе заедно со неговиот ортак во земјоделската фирма Мице Ристески не само што ја најдуваат егзистенцијата на семејствата, не се одделуваат од традицијата на селото да се занимаваат со земјоделство. Тие, како многумина млади луѓе не бараат леб во странство, туку само го произведуваат и ги хранат семејствата со по две деца.

-За оние кои сакаат да работат, странство е Македонија, странство е земјоделството, ама потребно е ноќта да се прави ден, многу ноќи, многу години, многу мака и труд. И тоа во неизвесност, зашто ние зависиме од Бога, од дожд, од суша, град, мраз, болести на посевите, знаење… Земјоделството не е само засучи ги ракавите и копај или запали го тракторот и орај. Тоа е сложена операција на ум, со пресметки искуства, знаења и секојдневна надграба на традиционалниот начин на производство. Нужна е серизна, сестрана и комплетна посветеност, зашто виси ризикот да се “утнат” приносите. Само задоцнување на ден-два на некоја земјоделска фаза, во најмала рака може да го преполови очекуваниот принос, да не зборуваме на останатите опасности кои го демнат аграрот од сите страни – вели енергичниот Наумчески, кој со залакот во устата за ручек брзаше што поскоро да одговори на прашањата и да го пушти плугот во нивата, користејќи го погодното време.

Организирано, со сопственото претпријатие и еден вработен, плус од него и ортакот, Наумчески обработува 140 хектари. Најголемиот дел, 60 кектари, е под пченица, 50 хектари сега ги сее со сончоглед, околу 30 хекатари се под детелина за сточна храна, макар што не одгледува добиток и 10 хектари под тутун. Точно 130 хекатри се државни ниви во блокови земени под концесија, за кои плаќа по 6000 денари од хектар, плус државата му наметнала и давачка од одводнување, доуша помало, 450 денари од хектар.

На прашањето како може државата да ги стимулира земјоделците да го зголемат производството и приносите по единица површина особено во времево кога нема доволно ниту пченица за млинарите и фурнаџиите, ниту сончоглед за фабриките за масло, тој објаснува дека тоа би бил повеќе мерки.

-Првин , за пченицата, државата може да утврди стабилна цена за откуп  и да се зголмат количества за откуп по повисока цени за стоковните резерви. Тоа во сегашниве околности би било во јули да се откупува по 20 денари од килограм. Ако се задоцни оваа ерка, тогаш ние сме уценувани од мелничарите да ја дадеме пченицата по ниска цена од 10 денари, оти немаме простори за складирање. Плус, нашата продукција е далеку од приносите, на пример во Војводина. При идеални временски услови може да се досигне принос од над 4 тони пченица во хектар, додека во Војводина е во просек од 7-9 тони. Трошоците за производство се исти. Засега ние произведуваме по околу 3 тони пченица од хектар. Сончогледот е приказна за себе. За него е нужно наводнување за да има принос. Ако Господ не го навади, на нашиве ниви може да не се извадат пари ниту за семето. Убавите жолти цветови може да останат без маслодајните црни зрнца. Голем дел од површините не се под систем за наводнување. Не добиваме вода и од местата каде што го има, оти водата била приоритетна за други култури. Вложуваме во сопствени бунари на мали површини, каде водата ја црпиме со нафтени пумпи за наводнување. Тоа го поскапува производството, особено годинава кога цената на нафтатат отиде “дотаван”. Во тој контекст, уште нема ниту ал, ниту абер од државата за таканаречената “зелена нафта”, односно поевтина за земјоделците, за тракторите, комбајните и за останатата приклучна механизација – кажува Научески.

И предлага на државата да го насочи ќесето на поголемо субвенционирање за вешачки ѓубрива, оти цените се скокнати петпати или од 680 денари од вреќа на 3000 денари, а субенцијата останала ниска.

-Без соодвено губрење, по една вреќа на хектар, и приносите драстично ќе паднат, а зијанот ќе биде поголем. Покрај нафтата, државата интервентно да се откаже од концесиите, киријата за земјата, барем годинава или додека трае кризата за храна. Нужно е да ги зголеми субвенциите за вештачко ѓубре и да го купи сончогледот по 50 денари од килограм или да ги зголеми надоместоците за поддршка на земјоделското производство. И семенскиот материјал отиде, па и тука е потребна државна закрила. Нема приноси со меркантилна пченица препорачува Наумчески.

Тој признава дека земјоделците добиваат субвенции за пченица по 18000 денари од хектар, ама тие пари се “капка во море” на растот на цените на сите репроматеријали, ѓубривата, резервните делови за машините и горивата, амортизацијата. Обемот на таа поддршка речиси не влијае за балансирање или приближување на трошоците и приходите, плус 25 отсто за  вложениот труд.

Наумчески се жали дека земјоделците го немаат Господ за сојузник.

-Ретко врне кога е потребно, барем еднаш месечно. Климатските промени влијаат на врнежите и често посевите страдаат од суша, во отсуство на системи за наводнување. Во постојана борба сме со природата, дали со вишокот на сонце, со град, мраз или со поплави. Земјоделството е хазард, коцка, надмудрување со природата. Таа може да дари и фазла, ама почесто зема од нашиот труд, од нашиот влог во пари, од нашата инвестиција од развојот и иднината. Тука е местото на државата, да нé обезбеди кога природата ќе ни го сврти грбот, за да можеме следната година да кренеме глава и пак да  посеема за да има леб на трпезите, да се нахрани добитокот за месо на софрата. Државата да субенционира работници, кои бегаат од земјата како ѓавол од темјан, и да останат задоволни тука – заклучува Наумчески.

Како и да е, засега тој не размислува за заминување во странство од родното Мажучиште, како многумина. Спремен е да се бори со земјата и да произведува храна. Убеден е дека битката ја добива. Не верува дека ќе се исколеба и ше ја напушти татковината во потрага по подобра иднина за своите деца. Зашто малку посиромашно, ама дома си е дома. Никаде нема поарно од сопствениот двор. Впрочем, нели се вели дека на маката се познаваат јунаците. Наумчески е јунакот на нашето време, што успева да одолее на ветриштата што ги водат младите надвор од својата земја. За да не се попишмани, и државата треба посериозно да му подаде рака.

Loading