Кирил Каракаш (30), режисер и хуманист
Давањето крв е начин на љубезност
На 15 мај прилепчанецот Кирил Каракаш ќе наполни 30 години. Тој има поголем број крводарувања отколку што има години. Овој филмски режисер ја негува хуманата димензија на личноста и сака меѓу младите да препознае повеќе “истомисленици” – крводарители. Досега со дарените 32 крвни единици, практично спасил 100 животи. Член е на здружението Крводарител.
– Крвта не се купува со пари. Дарувањето крв е 10-15 минути од времето на еден човек. Тоа е чин на љубезност. Кога луѓето можеби не се способни финансиски да помогнат некому на кого му е потребно, со доброволното крводарување спасуваат и помагаат повеќе од што можат да замислат – вели Кирил Каракаш, режисер и хуманист.

Првпат раката да ја дарува животната течност ја испружил на 18 годишна возраст во Црвениот крст во Прилеп каде бил активист 5 години. Глетката кон храбрите луѓе кои спасувале животи го охрабрила и поттикнала да се вклучи во хуманото семејство на крводарители. Со помагањето, фотографирањето и документирањето на крводарителските акции решил и да дарам крв.
– Од Црвениот крст на Скопје беше формиран клуб насловен “25” да ги поттикне младите од 18 до 25 години да направат толкав број крводарувања за да се стимулираат и да се превенира хив инфекцијата и другите заразни преносливи болести преку крвта која се проверуваше – вели Каракаш.
Заради хируршки зафат бил спречен да ги направи тие 25 крводарува. Направил само 20. Сепак до сега успеал да дари крв 32 пати. Чувството на хуманост не го доживува како гордост, ниту привилегија.

-Годишно имам 2-3 крводарувања. Кога сум во странство сум спречен затоа што тие не се евидентираат во нашиот систем. Откако ќе дадам крв се чувствувам полесно, исполнето и среќно. Со таа една единица крв, односно 450 мл, спасуваш до три животи. Дарувањето крв го чувствувам како начин на љубезност. Секој може да го прави тоа и не одзема повеќе од 10-15 минути од времето и после тоа човекот нема никакви последици. Се правичин кој не може да се купи со пари. Секој здрав, способен и кој нема други заболувања, може да дарува крв. Последните истражувања пожуваат дека редовните крводарители имаат помали шанси да заболат од кардиоваскуларни заболувања – вели Каракаш.
Крводарител се станува доброволно, без присила.

– По мојот пример тргна и сестра. Веќе има над 10 крводарувања. Тоа е задоволително за нејзината возраст. Потоа, другарите и пријателите. На луѓето треба да им се објасни дека дарувањето крв не е страшна или болна работа, дека придобивката е многу поголема отколку финансиски што може да му се помогне некому ако има проблем. Тоа е хуманата страна на животот – вели Каракаш.
Не гледа привилегија во ослободувањето од плаќањето на некои здравствени услуги. Туку напротив. Ослободувањата се помали последниве години отколку порано кога имало и бесплатни стоматолошки услуги. Има А-негативна крвна група. Советува пред дарување да се земем лесен оброк, овошје, интегрална храна, да се чувствуваш добро. Позтитивно гледа кон донацијата на крва срцевина и на донацијата на органи со кои се спасуваат и продолжуваат животи како врв на хуманоста.
ФИЛМ ЗА ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ
Кирил Каракаш е дипломиран филмски и ТВ режисер. Косопственик е на продукциска куќа “ОПИУМ ФИЛМ”. Последните три ипол години работи на долгометражниот филм со работен наслов “ИРОНМАН”.
– Тоа е филм за пензиониран полицаец кој што 20 години се обидува да направи машина, перпетум мобиле, со цел да го спаси светот од глобалното затоплување, поточно машина која ќе произведува струја без никаков влог на енергија. Го развиваме низ различни маркети во Европа, работилници, пичинзи, форуми.Бевме во Прага и имавме одлична презентација. За жал, уште филмот не е поддржан од Агенцијата за филм на Македониј. Беше одбиен два пати. Се надеваме дека новиот директор ќе додели финансиски средства да го реализираме. Филмот ми е преокупација и доста е важен – вели тој.
ХУМАНОСТА СЕ УЧИ И РАЗВИВА
Хуманоста недостасува. Нема солидарност, традиција и воспитување.
– Последниве генерации што ги викаат “зед генерација”, од 2000 г. наваму, се разгалени и невоспитани деца. Мислат дека знаат се. Интернетот не знаат да го користат на паметен начин. Не знаат да ги вреднуваат доволно основните човекови вредности. Да бидеш хуман е нешто што не треба некој да те учи, туку треба да чувствуваш, да сакаш да помогнеш. Ако продолжиме вака, човек да падне, нема кој да го крене. Недостасува домашно воспитување, силно е влијанието на интернетот со гледање на непотребни информации од земји кои не се добар пример и во кои се пропагира насилство. Се движиме кон лошо и премногу се исполитизирани работите. Цела држава е хохштаплерска, криминалци на сите страни. Секој сака само да се збогати на лесен начин. Никој не сака да направи нешто добро. Луѓето се разочарани од системот. Нема правна држава – вели Каракашоски.