СТЕРЕОТИП Е ДЕКА МЛАДИТЕ ЧЛЕНУВААТ ВО ПАРТИЈА САМО ЗА ВРАБОУВАЊЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Христијан Тунески Тунески – Новиот претседател н а УМС на ВМРО – ДПМНЕ – Прилеп

Новиот 21 годишен претседател на УМС на ВМРО – ВМРО ДПМНЕ на Прилеп, Христијан Тунески, одговори на повеќе прашања на првата негова средба со новинарите. Без знаци на трема и со скромно политичко искуство, младиот лидер демонстрира готовност за транспарентност и необична мудрост за возраста. Солидно дебитира како млад надежен политичар пред кого стои перспективна кариеара. На “врелите” прашања одговараше елоквентно, без нервоза и треперливост. Младиот иден стручнак, ангажиран во локалната самоуправа да ја подобри ВЕБ страницата, на “огненото крштевање” со јавноста, вешто најдуваше одговори на горчливите прашања. Говореше смирено и стабилно без кнедла во грлото, туку со умешност, на која можат да му позавидат и  политичарите со дебел политички стаж.   

 Како ќе се подобрува амбиенот за младите во градов?

Наскоро се очекува формирање на Младинскиот Совет при Општина Прилеп, кој ќе биде врска со градоначалникот, за подобрување на стандардите на младите преку органзирање на културни, спортски настани и други манифестации, како поддршка на локалната самоуправа да стимулира идеите на Младинскиот совет и воопшто од сите млади. Младински совет постоеше само на хартија, не работеше. Ќе се реформира со советник за млади.

Дали ќе се стопира миграцијата со тој Младински совет и кои чекори ќе ги преземе тој Совет?

Не е можно наеднаш да се стопира миграцијата. Секој почеток е тежок,  но мора да се почне од некаде, да почне подобрувањето на животот на младите не само во Прилеп. Ќе се трудиме да ја вратиме културата на високо ниво, како што доликува за Прилеп и да влијаеме да се задржат младите тука,  без да бараат решение надвор од земјата.

Дали младите ги гледаат партиите како Биро за вработување? Дали тие влегуваат во партија поради идеологија или за да се вработат?

Владее естереотип дека сите членови се таму за вработување. Сметам дека  младите се дојдени од идеолошки аспект и за дружба. Ние сме Унија на млади каде преовладуваат проектите од младите за младите. Се надеваме дека ќе се подобри ситуацијата. Партиските вработувања не би ги коментирал.

Зошто еден млад човек би сакал да се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ, ако не е за вработувањето?

Имаме многу млади членови. Не верувам дека тие на свои 17 години размислуваат за вработување. Тие се со чиста желба за дружба и работа, за организирање на манифестации и за придонес за наше добро. Се знае  идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, зачувувањето на македонските национални интереси. Тоа се повисоки политики кои не треба толку да ги тангираат младите колку што треба да ги интересира дружбата и за привлекување на нови членови.

Зошто си член на ВМРО-ДПМНЕ, зошто си лидер?

Се зачленив на 17 години, прво поради корените на моето семејство и да променам нешто. После 4 години, ми се допадна процесот и се кандидирав за претседател и бев избран за претседател. Се надеваме во наредните 4 години на многу подобри резултати.

Работно искуство?

Вработен сум во локалната самоуправа како веб администратор.

Наброј барем 3 проекти за подобрување на животот на младите?

– Имаме план и програма за работа  на нашата фан страна. Имаме активности, турнири, забави, следење на натпревари… Доста. Немаме конкретен план, но стоиме на располагање на секаков вид проекти, обуки, семинари, младите нешто да научат, да им се пренесе и да се мотивираат, иднината да ја гледаат овде, да се тука.

Како да останат. Дали не ти забележуваат, прв дојде како претседател и прв се вработи во Општината? Што велат сопартијците. Како ќе им кажеш да не гледаат вработување во јавна администрација и да не фаќаат првиот воз за Германија?

Не се вработив во Општината откако станав претседател, туку претходно. Се вработив по други околности, не заради што сум претседател. Постои стереотип кога се во прашање политичките партии во Македонија, нивните подмладоци и она што е поврзано со нив, со јавната администрација. Искрено се надевам, од оваа позиција, претседател на младина на политичка партија, не можам ништо конкретно да сменам во тој поглед. Но можам да поддржувам настани за собирање на повеќе деца,  промовирање на настани и преку нив да се мотивираат и да останат тука.

Како ќе се урнат тие стереотипи, да не се вработуваат во локалната самоуправа. Зошто не отвори фирма за веб дизајнер или тоа што го знаеш, туку отиде во локалната самоуправа? Како ќе се мотивира некој како тебе, или и илјадници како тебе наместо да одат во локалната самоуправа, да отворат фирма и да не одат во странство?

Тоа е малку лично прашање за секој млад човек што ќе работи во иднина. Како би ги стимулирале? Од оваа позиција, не знам. Тој стереотип е граден од осамостојувањето. Не е од вчера па да го урниме за 24 часа. Работиме на тоа, се трудиме да ги привлечеме младите не преку партиски вработувања, туку преку дружби, спортски, културни настани, манифестации.

Какви предлози дадовте во стратегијата, кои се тие чекори, да се вработуваат млади во приватни компании, да се смени некој закон, да се направи некоја стратегија или притисок, да се дадат олеснителни старт-ап кредити, да се дадат шанси за отворање на бизнис, што ќе правите вие? На пример  да сум 18 годишна девојка и вие како ВМРО-ДПМНЕ што ќе ми понудите, како ќе ги натерате младите да не си одат, брачните двојки да раѓаат деца?

Во страгијата се опфатени сите сфери на млади луѓе, од средношколците, студенти и нагоре. Во неа има стипендирања, за надарени ученици, студенти кои дипломираат на дефицитарните струки, поддршка на спортски и културни работници, млади уметници кои шансата ја гледаат тука. Поддршка би побарале од Општината. Во таа насока е стратегијата.

Планирате средби со медиумите, затоа што имавте прес конференции на кои сами се снимавте, сами праќате материјали, а ние нема да ги објавуваме доколку не бидеме поканети?

Секогаш новинарите ќе бидат поканети. Во иднина новинарите ќе бидат на сите настани организирани од Унијата на млади сили.

Loading