МНОГУ ИНФОРМАЦИИ ГИ БУНАТ ЛУЃЕТО ЗА ВАКЦИНАЦИЈА

ИНТЕРВЈУ – ТАТЈАНА МУРГОСКА СТАНИМИРОВИЌ – ЕПИДЕМИОЛОГ

Две години по појавата на Ковид 19 вирусот, каква е прилепската епидемиолошка слика. Дали вирусот “папсува” или е го “негуваме” во некој друг интензитет?

После големиот бран во есенските и зимските месеци,  епидемиолошката ситуација со КОВИД-19 во Прилеп се смирува. Паѓа бројот на новозаразени и хоспитализирани лица. Додека во најголемиот налет на бранот беа регистрирани и до 100 случаи на новозаразени дневно, во втората половина од март бележиме бројки од 10 до 20 новозаразени. Намалување се должи на големата прележаност на населението и на вакцинацијата со која се опфатени 51 отсто од возрасното население. Според официјалната статистика, од почетокот на пандемијата, со корона вирусот во Прилеп се заразиле 13.941, а починале 582 лица.

Колкаво е влијанието на вакцините, односно бројот на вакцинирани со две-три, па и повеќе дози за доведување на вирусната инфекција на “најниски гранки”, односно на најниско ниво?

Вакцините против КОВИД-19 се клучни алатки кои помагаат да се стави пандемијата под контрола, во комбинација со ефективно тестирање и со почитување на превентивните мерки. Вакцините спасуваат милиони животи. Постојат повеќе аргументи во корист на вакцините против КОВИД-19. Иако, како сите останати вакцини, не обезбедуваат стоотстотна заштита од заразување, го намалуваат ризикот од тешки облици на болеста кои често завршуваа со смртен исход. Заштитната моќ на вакцините, како и имунитетот после прележана болест, со текот на времето се намалуваат.  Од тие причини воведена е бустер доза на вакцина, која значително го зголемува стекнатниот имунитет и го намалува ризикот од заразување за повеќе од 93 процети. Извесно дека на есен ќе има дополнителна вакцина, за најзагрозените лица (повозрасните, лицата со хронични заболувања, лицата со намален имунитет), за да се зголеми нивото на заштита во текот на зимата. КОВИД-19 пандемијата е глобална, не е национална епидемија. Затоа вакцините мора да стигнат до огромен број на луѓе во светот за да се запре ширењето на вирусот насекаде, да дојде крај на пандемијата.

Уште се на сила сериозните мерки за заштита, како носењето на маски на децат во училиштата и на возрасните во јавни објекти. Како овој основен вид на заштита влијае на текот на вирулентноста?

Многумина, кои деновиве ги слушаат оптимистичките вести за укинување на некои од рестриктивните мерки помислуваат дека наскоро ќе можат да живеат нормално, без маски, без карантин, ќе се ракуваат и прегрнуваат, ќе можат слободно да патуваат и ќе престанат да стравуваат од болеста. Но, сé додека КОВИД-19  е присутен во светот, секој треба да направи сé што е во негова моќ, за да го избегне вирусот или да не им го пренесе на другите. Носењето на маските го намалува ризикот од пренесување на вирусот за 53 отсто, а и физичкото растојание и дезинфекцијата на рацете го намалуваат ризикот од ширење на КОВИД-19.

Велат претпазливоста е секогаш добредојдена во сé уште ковид амбиентот во земјава. Дали е можно и колку е дозволено сметнувањето на рамништето на внимателност?

Истражувачите сметаат дека, покрај програмите за вакцинација, потребно е и понатаму да се продолжи со примена и на овие мерки, особено во затворен простор, на собири, во здравствени установи. Во повеќето земји во Европа и светот населението не е комплетно вакцинирано, па не се исклучува можноста од појава на некоја нова варијанта  на вирусот.

Граѓаните се речиси незаинтересирани за трета или четврта доза на вакцина. На што се должи тоа?

Светот се бори не само со пандемијатаод КОВИД-19, туку и со тоа што се нарекува “инфодемија” – кога преголема количина на информации, од кои некои лажни, им отежнуваат на луѓето да донесат одлука дали да примат вакцина, што во најголем број на случаи нема никаква врска со “тврдите” ставови на антиваксерите. Најчесто дилемите се однесуваат на безбедноста и ефикасноста на вакцините. Дел од луѓето не се убедени дека вакцините се доволно безбедни, дека можат да дадат сериозни несакани ефекти. Дел сметаат дека не се доволно ефикасни бидејќи се среќаваат со примери и вакцинирани лица да се зразат со КОВИД-19. Затоа не се решаваат за бустер доза. Меѓутоа, доказите од истражувањата покажуваат дека ако вакцинирано лице се зарази со Ковид-19, не само што полесно ќе ја помине болеста, туку веројатноста да ја пренесе болеста на други е помала отколку кај луѓето кои не се вакцинирале.

Можете ли да прогнозирате до кога ќе трае пандемијата и какви ќе бидат нејзините демонстрации со број на заболени или со симптоми?

Мерките против ширењето на коронавирусот, кои влијаеа на нашите животи изминатите две години, се укинати во повеќе европски земји.  Го поминавме патот од тоа “ковидот да ни го одредува животот”, до тоа да “живееме со вирусот”. Тешко е да се прогнозира дали пандемијата ќе заврши наскоро. Корона вирусот ќе биде присутен долгорочно. Некои научници сметаат дека прерано се опуштивме. Проценките на водечките светски стручњаци се дека пандемијата наскоро може да помине во ендемска фаза (присутност на вирусот само на одредено подрачје или популација). Тоа ќе се случи ако не се појави нова варијанта на вирусот, со потполно нови карактеристики и поголема преносливост. Таквиот вирус може да ја избегне постоечката имуност кај луѓето, која се акумулирала сето ова време преку заразување и вакцинирање. Инаку, на секој нов сој кој доаѓа, тешко ќе му биде да го заобикули акумулираниот имунитет и да опстане. Но, дури и да стане ендемски, вирусот секогаш ќе пронајде некого кој не ја прележал болеста, или во меѓувреме го изгубил имунитетот. На тој начин вирусот ќе може да се шири во вид на епидемија со мали размери, ограничена локално, со осцилации кои нема да бидат значајни на глобално ниво. За да помине пандемијата во ендемија важен предуслов е вакцинацијата. Нееднаквата достапност до вакцините ја оневозможува рамномерната вакцинација, која е важен фактор во борбата за нормализација на состојбата. 

Како претстојните пролетни временски услови ќе влијаат на вирулентноста, односно епидемиолошката слика?

Уште нема докази за сезонски карактеристики на КОВИД-19. Пандемиите често не ги следат истите сезонски обрасци како кај други епидемии, како на пример, грипот (се регистрира во текот на есенско-зимските месеци). Тоа го видовме минатото лето кога во многу градови во државата се регистрираа многу високи бројки на заразени. Сепак падот на случаите, што сега го регистрираме, може да донесе некоја предност. Само по себе, може делумно да ја намали ефективната заразност заради намалување на контактите преку кои може да се пренесува болеста. Иако покаже извесна сезонска променливост, мала е веројатноста ковидот сосема да исчезне во текот на летните месеци.

Loading