МАЖ ИЛИ ЖЕНА – ВИКТОР ИЛИ ВИОЛЕТА 

Двојниот живот на прилепчанецот Виктор Петрески

Одамна замина од овој свет нашиот сограѓанин Виктор Петрески на возраст од 67 години. И дотука сé е неважно. Смрт како многу други, можеби малку порано. Но, Виктор криеше во себе необична приказна. Во црната дупка од земјата со себе ја однесе тајната која не сакаше да ја дознае јавноста. Неговото вистинското име беше Виолета. Тој повеќе од 30 години беше травестит, односно маж. Во Германија, каде што работеше, го промени полот од жена во маж. Се подложи на хормонални и хируршки интервенции и терапии и му се исполни сонот. Пред неколку години дојде со својата партнерка од Србија да живее скромен и малку мистериозен живот во родниот Прилеп.

Двополовите личности ја збунуваа јавноста

Шокирана беше пошироката јавност кога на евровизиската сцена победи претставникот на Австрија кој имаше фигура со неверојатно сензуални очи, сјајни усни, високи јаболчници, но и темна брада. Кончита Вурст – алтер егото на 25-годишниот Австриец Томас Ноевир. Тој ги разбранува стереотипите околу сфаќањето на тоа што е мажествено, а што женствено.

Со лавина критики се соочуваат луѓето кои сакаат да бидат она што природно не се. Така живееше и прилепчанецот кој имаше двојна личност, можеше да живее и како маж и како жена. За да го разбереше човек требаше да има големо срце и да биде без предрасуди. Од една страна тоа е необично, за некои нормален гест на човек кој сака да живее поинаку од она што е. Не сакаше да ја каже вистината за тоа како го прифаќале луѓето, колку чувствувал стеги, за разбирањето на неговиот животен избор.

Се сеќаваме на Филип Јаневски, односно Фифи, кој/а се прослави со учеството во музичкото шоу Х-Фактор. Ги едуцираше на Фејсбук фановите и пријателите, објаснувајќи им ја својата сексуалност. Па појаснил/а дека има разлика помеѓу травестит и транссексуалност.

Глумел жена 30 години

Виктор не успеа да ја разоткрие неговата сексуалност. Редакцијата на Зенит сакаше да ги победи табуата и да објави интервју со Виктор, односно Виолета.

Сепак малку ја отвори душата за нашиот весник. Но, се двоумеше за авторизација. Смртта го спречи да го даде последниот збор за бел ден на неговата животна судбина.

На диктафонот запишавме дека од секогаш се чувствувал како маж. И изгледот му бил машкобајнест или како што велеше машкадудинка. Му лежеле машки игри како дете, а не народна. Се дружел со спротивниот пол повеќе. Имаше свои и во Прилеп и во Битола.  

 – Вирееа во мене машки гени. Ме привлекуваше понежниот пол. А и физичкиот, женскиот дел не беше близок до мене. Доминираше мажественост. Така заминав во Германија пред повеќе од 30 години да се предадам на она што тлееше во мене, да станам маж. Оти не ми личеше и не ме бидуваше да глумам жена со сите природни дарови, но со машки афинитети во себе. Не ми стоеше фустан, уште помалку чевли со високи потпетици, да не зборувам за фризури на косата или шминки на лицето. Едноставно, во моето тело сé беше машко, освен… – кажуваше Виктор.

Во Германија ги минал сите терапии и специјалистички третмани. Му се намалиле градите, му пораснала брада, телото му станало влакнесто и мускулесто, а чувството не се променило. Само документи не можел да извади дека е “тешка рака”, бидејќи основните, изводот од Прилеп, не се менувал. Сепак биолошкото женско тело  вриело со машки атрибути, освен главниот што ги разликува двата пола. Така го поминал работниот век, но и со живот со повеќе партнерки.

Тука застанаа зборовите на Виктор, зашто на портата се појави неговата придружничка која го спречи да го продолжи раскажувањето на неговата “кариера”, да ги пренесе реакциите на родителите, блиските, комшиите, другарите и пријателите од Прилеп.

Рече дека ќе се видиме да ги завршиме сеќавањата за неговиот животен пат кои сакаше да ги подели со прилепчани. Но, никогаш повеќе не се пристапуваше до него преку неговиот телефон. Се јавуваше некоја жена со српски акцент. На почетокот од разговорот успеавме да направиме фотографија, но недоречената приказна останува под земјата со Виктор. Така го нарекуваме, оти не се бендисуваше како Виолета.   

Медицината во служба на ќефот

Транссексуализмот се третира како феномен. Кај нас, најмалку дваесетина лица бараа да го сменат полот, од мажи да станат жени и обратно. Велат дека се транссексуалци или на половина пат меѓу маж и жена. Во земјава не се  регулирани со закон ваков тип на зафати, иако се прават на илегален начин. Македонци, кои сакаат да го променат полот, најчесто тоа го прават во Србија, каде што е дозволено со закон.

Промената на полот почнува со хормонска терапија. Се менуваат сексуалните и полните карактеристики, потоа се оди на долготрајна и интензивна психолошка терапија и, на крајот, следува хируршкиот зафат.

Сексуалната определба е личен избор. Сексуалноста не се избира. Луѓето се раѓаат такви. Само може да изберат е дали ќе бидат искрени кон себе си и другите во врска со тоа нивно лично чувство, и, ако евентуално си признаат себе си дека се такви, дали ќе живеат со таквата сексуална ориентација или пак постојано ќе ја потиснуваат. Родот се препознава често по некоја манифестација, како дали се чувствителни или не, каква им е боја на гласот.

Виктор односно Виолета, замина, со сета тежина на својата двојност во животот, којшто претпочитал повремено или постојано да се облекува во облеката на спротивниот род.

Транссексуалците се лица кои по пат на хормонални терапии и хируршки зафати го менуваат својот природен пол, со цел и општествено да се вклопат во посакуваниот род.

Така, сакаше и Виктор, Виолета.

Измени на Закон за матична евиденција?!

Владата го повлече од собраниска процедура Предлогот на Законот за матична евиденција, со кој се предвидуваше лице да може да го промени својот пол само со изјава на нотар, поради доусогласување на Законот за матична евиденција со реформираниот систем на регистрација на новородени деца со оглед на фактот што законските одредби се застарени. Потребно било дополнително да се усогласи со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени што е донесен во 2020 година. Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родени, венчани и умрени треба да се усогласи и со процесот на дигитализација и интероперабилност.

Loading