ИНВЕСТИЦИИ ВО КРИЗА

Премиерот Ковачевски во Витаминка

Во кризни години Витаминка спроведе обемни инвестиции во модернизирање и унапредување на производството. Сашо Наумоски, генералниот директор на Витаминка при посетатата на премиерот Димитар Ковачевски на најголемата прехранбена индустрија во земјава, ги наведе последните вложувања за модернизација и развој.

Реномираната компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и владината мерката за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД периодот.

– Спроведените инвестиции во Витаминка отворија простор и создадоа услови за проширување на компанијата, за зголемување на капацитети и на производството  воопшто – истакна Сашо Наумоски, генералниот директор.

Според него, развојот на компанијата, инвестициите и создавањето услови за долгорочна одржливост отсекогаш се дел од стратегијата.

-Инвестициите изминатите години даваат резултат. Се соочуваме со кризни години. Тешки години за земјава. Делумно со средствата доделени како помош од Владата успеавме да инвестиравме во опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со мулдинг линијата за производство на чоколада. Сите овие инвестиции се во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси. Тоа придонесува Витаминка континуирано да се проширува со поголема достапност на пазарите, во производството и производните капацитети, а сето тоа позитивно се одразува и врз пазарот и граѓаните – вели Наумоски.

Витаминка пред четири години ја купи фабриката за масло во Штип.

– Како дел од Витаминка, таа го снабдува домашниот пазар дури со 40 отсто од потребите за масло за јадење. Витаминка пласира 47 отсто од производството на странските пазари, и тоа во над 30 земји. Овие показатели се одразуваат и врз домашната економија во моментите кога сите се соочуваме со неизвесност, предизвикана од случувањата на светските пазари. Работиме со полн капацитет континуирано. Непрекинато го снабдуваме пазарот со масло за јадење и другите основни производи  – рече Наумоски.

Витаминка е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари.      -Ги исполнува условите за користење на средства со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Витаминка е основана во 1956 година, како компанијата за производство на само еден производ, црвен пипер, а денес располага со производна палета од околу 350 пакувања производи во 20 различни категории. Во фабриката во Прилеп и фабриката Брилијант во Штип вработува околу 700 лица. Со својата обемна општествена одговорност и активност е еден од најголемите поддржувачи и помагачи на заедницата, со чести донации за социјално загрозени семејства, хуманитарни организации, донации и спонзорства во спортот, образованието и културата.

Loading