ИНСПИРАЦИЈА И МОТИВАЦИЈА ЗА 33 ИЛЈАДИ ГОТВАЧКИ ВО КУЈНАТА

Мимоза Мима Кимоска Котур (61), вљубеник во готвењето

Зад големата група на Фесјбук “Нашата кујна” стои прилепчанка. Мимоза Мима Кимоска Котур (61) е еден од модераторите. Таа е со асли корен од Прилеп, која младоста ја поминала во Битола, а долги години живее во Белград. За многумина е инспирација и мотивација особено за оние кои не се вешти во кулинарството. Секогаш е достапна за практични совети и трикови во готвењето за над 33.500 членови на интернет. Таа е промотор на македонските јадења. Генот за подготовка на вкусна храна го надоградила со љубов, трпение и дарба за естетика.  Сака да готви, доста е креативна. Успешна е во аранжирањето.

– Сосема случајно влегов во групата на фејсбук и почнав да постирам пред две години кога ја повредив ногата и имав доволно слободно време седејќи дома, а тогаш започна и короната. Администраторките се девојки кои живеат во Италија и ме замолија да бидам модератор, заедно со уште две членки. Прифаќам нови членови и ги одобрувам објавите. Имам доволно слободно време. Му се посветив на готвењето и на внучето (4г.) од ќерката кое е центар на мојот универзумот и ја има привилегијата да бидам попладне со него, иако оди во градинка – објаснува Мимоза Мима Кимоска Котур, еден од модераторите на фејсбук групата “Нашата кујна”.

Мимоза Мима Котур потекнува од прилепското семејство Кимоски. Сопуругот бил војно лице во Битоал во 1979 година и 1983 се зеле, прекоманда имал прво во Скопје и во Белград се веќе 30 години. Меракот за готвење го наследила.

– Најпрвин од мајка ми ги научив основите за готвење. Родителите на мајка ми се презивале Пројкоски. Дедо ми работеше во Тутунскиот комбинат и свиреше примче во Весели пензионери. Мајка ми Спасија или Паце, се 4 сестри и сите се аматерски готвачки, тоа е генетиката и љубовта кон готвењето. Тетка ми Марија Ѓорѓијоска се натпреваруваше во 70-те години во готвење ширден преку Практична жена во поранешна Југославија и доби награда. На покојната тетка Цене Зулјамоска наликувам со витканата коса, таа ме заранила и ме чувала како мала. Другата тетка Емица живее во Струга и најдобра е во готвењето. Татко ми Бранко заедно со мајка ми работеа во прилепската печатница. Една година бил на специјализација во Торино, во Италија и откако се врати заедно со Италијанците го отворија Фустеларко Борец  и тогаш сме се преселиле во Битола – објаснува Котур.

Го сака готвењето и убавото за око. Признава дека ширденот не и е специјалност.

– Во хороскот сум Риба и уметноста ми е блиска. Од ништо, да се направи креација. Чири бу, чири ба. Тоа ме радува, ме исполнува. Сакам да готвам, да им угодувам на блиските. Тоа ме прави среќна – вели Котур.

Сопругот, роднините и пријателите се воодушевуваат на храната која ја подготвува со многу љубов и посветеност. На роднините од сопугот, кој е од Војводина, со задоволство им готви гравче тавче.

ПРИЛЕПЧАНКА ИЛИ БИТОЛЧАНКА?

– Крвта ми е прилепска и не кријам. Во објавите кога ме нарекуваат битолчанка не коментирам. И битолчанка сум. Половина – половина. Откако се спознаав себе си, сум во Битола. Прилеп бев до 10 годишна возраст и се ми е како во магла. Се сеќавам на детството, живеевме покрај реката. Свирев на прим во оркестарот со учителот Блаже. Имав една другарка Сузана, а со моите школски врсници се гледаме кога доаѓам во Прилеп. 

ЉУБОВТА Е НАЈВАЖНИОТ ЗАЧИН

Го сака готвењето, ги сака корените. Ја негува македонската кујна. Нејзината препорака е да се готви со љубов.

– Љубов е се. Кога ќе се внесе зачинот љубов нема грешки. Желба и позитивно мисла. Тоа е керозин за секого.  Си го сакам Македончето, а Србите ги научив да готват по македонски. На пример, спанаќ со јајца. Се воодушевуваат  на македонската турлитава. Без биено сирење од Прилеп, не тргнувам за Белград. Иако е специфично, тие кои се љубители на сирење, го бендисуваат… Без триена сол прилепска, буковска пипер. Суви пиперки задолжително земам од Македонија.

Loading