НОСТАЛГИЈА ЗА КОРЗО

Секоја генерација своја рекреација

– Исплетени љубови и животни приказни

“Прилеп ќе биде побогат ако се врати корзото како што беше некогаш”. Ова го забележуваат со носталгија старите прилепчани. Во седумдесеттите години, улицата со коцка – Булеварот, ограничена со зелена жива ограда и дрвја и тротоар од мермерни неправилни плочки, од Градската кафеана до Стоковната куќа, во себе збрале спектар млади животи. Метеж од народ – млади во неколку колони по улицата. Полицијата го затвораше сообраќајот секоја вечер со подвижен знак за забрана на движење на малкуте автомобили од 18 до 21 часот. Густо, “игла да нема да се фрли”, беше и по тротоарите, особено во сабота и недела летно време.

Корзото со ВПШ

Многу љубови, многу животни приказни се исплетени. Исткаени се семејни стории, токму од познанствата и чистата љубов која се раѓала, шетајќи по корзото. Двете лимонадџилници, слаткарниците биле место каде се освежувале и заблажувале младите моми и ергени. Неколкуте кафеани биле за постарите и поимашливите, за љубителите на чашката. Актуелни биле летната бавча, т.н трлото, Офицерски и во хотелот Скопје со жива музика и пеачка. Незаменливи биле игранките во Гимназијата и Соколаната.

– На едната страна, од кај рекламите, стоеја постарите, ергените за женење и момите за мажење. Местото го викаа ВПШ-ваша последна шанса. Од другата, помладите. Секое друштво  имаше место. Девојките ги задевавме, им свиркавме, довикувавме. Кога ќе ни се бендисаше некоја со другарот одевме зад неа и дофрлувавме по некое зборче. Изгледаше како на модна ревија. Ако фатиш некоја девојка од Варош, границата на испраќање беше до Монополот, после мангупите од нејзиното маало ќе не “наџофтаа”, се сеќава постар сограѓанин.

Сиромаштијата диктирала корзо за начин на забава, слаткарница, игранки во офицерски, журки по куќи, а подоцна се отвориле клупчиња.

– По корзото, втора забава беше киното. По бркањето девојки со штипкање, дофрлање, тргање за коса, собиравме по пет динари и купувавме леб и зденки и одевме на кино. Ако немаа другите друштва пари им позајмувавме, потоа тие враќаа – раскажува Миле Јованоски.

Корзото било атракција. Обично излегувале од 8 до 11 часот, а зиме и порано.

– Одевме во ред како војници, од кај рекламите. Пооди, пооди – застани. Некој застанал во редот да се поздрави со пријател и ја “сопира” колоната. Не носевме пари. Ако имавме некогаш колку за семки или ретко за слатко. Беше убаво. Водевме чиста љубов. Со бакнежи и прегратки. Душата ни беше чиста и слободна. Ако одиш понатаму, да имаш и односи, тоа раѓа други проблеми. Може да останиш бремена и слично – објаснува 65 годишната Виолета.

Првото корзо кај Паркот

Пред централното корзо, Старото корзо било на улицата “Иво Лола – Рибар” денешната “Цар Самоил”, од Чумовчани до Паркот. Зрачела со зеленило, паркчиња и дрва. Била со бетон и широко околу четири метри. Тука била и Старата железничка станица и Интернатот за деца. Имало кафеани, слаткарница. Во Паркот имало бетониран простор и зграда која била како кафеана каде се играло и се пеело до еден часот на утро. Местото го викале Кермес. Потоа се одело директно на тутун. Зградата била повисоко и немала скала за качување. Требало да се “помачиш” да влезеш внатре. Постари се сеќаваат дека тука гостувал и Светозар Вукмановиќ – Темпо. Секоја генерација си има посебен начин на забава.

– Се корзиравме (шетавме) од кај Чумовчани до раскрсницата кај Паркот. Се разминуваа, преку формирани колони од два три реда млади. Тука беа првите ѕиркања, скришни погледнувања, првите дофрлувања, свиркања, средби, запознавања. Тоа беше место на првата љубов – се сеќава 80 годишната Цветанка Ристеска.

Велат дека Булеварот им го расипал Старото корзо кое се префрлило со истите принципи.

Денес се излегува  на плочникот. Посебно лете, кога може со малку пари да се најде забава, иако има многу кафулиња. Актуелни се рестораните, пицериите, слаткарниците… Младиот човек има избор како да ја мине вечерта. Дали во затворен круг на пријатели или ќе прошета да види и да биде виден.

Loading