ДОБРО УТРО „РЕЗИЛ НА ВЕКОТ“

Во Прилеп имало некој богаташки синови што не работел ништо. Чорбаџиски син секое утро си одел на кафе, си пушел тутун од голем скапоцен чибук со вреден килибар. Врвејќи Пејо еднаш по сокак пред кафето, го забележал и му дал еден селјам.

-Добро утро ,,царе на веков,, – му рекол тој.

На чорбаџијата му се бендисале зборовите и на Пејо му дал грош да се напие кафе или ракија. Пејо разбрал дека му ласкаат зборовите, та и утредента повторил. Пак добил грош и отишол во анот и не само ракија и кафе, но со грошот го платил целиот арч за денот.

Му се заарнило на Пеја, та продолжил цела недела и цел месец.

За несреќата, богатиот син се оженил. Излегол пред кафето и чекал Пејо разбрал дека се оженил и место познатиот поздрав ,,добро утро, царе на веков,,, му запнал ,,добро утро, слуга на веков,,.

Се растревожил богатиот и  прашал.

-Зошто сега сум ,,слуга на веков,,?

-Од утре, женати ќе ти забрани да седиш слободно пред кафето. Кога ќе се народат деца, ќе видиш каков слуга ќе станеш – му рекол Пејо.

Богатиот се налутил, но пак му дал грош.

Младиот чорбаџија отишол дома и ја избркал невестата. Утредента пак седнал пред кафето. Одвај чекал да помине Пејо и да го поздрави со ,,добро утро, царе на веков,,.

Пејо разбрал и оддалеку му викнал.

-Добро утро, ,,резил на веков,,!

Богатиот скокнал од столицата, готов да го му удри една преку светила за навредата, но решил првин да го праша.

-Зошто сум ,,резил на веков,, пријателе?

Пејо мрднал два-три чекори и му одговорил.

-Зар има ли поголем резил да си избркаш златна невеста за едно ,,добро утро, царе на веков,,?

Тоа не го разбрал горделивиот богаташки син, а Пејо не сакал да му го полни умот понатам. Го јавнал магарето и заминал во Мариово да им раскажува на Мариовците какви горделиви и глупави луѓе има на светов.

Loading