Приказна за воденичарите
Воденичарот работи без спиење, дење-ноќе кога има жито. Малку поддремнувал. Водениците порано мелеле и до 600 килограми жито за 24 часа. Посебно по жетвата, од јули до ноември. Се чекало и по два дена да се стаса на ред за мелење.
Воденичарите обично живееле крај водениците. Биле домаќини. Покрај бавчата, за прехрана “ранеле” и кокошки, прасиња, пајки… Воденичарењето бил семеен, наследен занает. Запрежни коли од селата биле редовна слика пред водениците. Секоја побогата фамилија имала своја воденица. Во Чумово имало пет, Штавица, четири, а имало и во Прилепец и Волково.
Згасна и пурдеската воденица
Големите млинови ги згаснаа не само воденичарите, тику и малите електрични мелници. Исчезнаа и воденичките камења. Модерното време однесе сé пред себе, оти млиновите сега се побрзи. Мелат околу 1500 – 2000 килограми на саат, а старите само сто кила.
Жалаат потомците за исчезнатата воденичарската традицијата. Од објектите ги нема ниту камењата. Дел се што можат да се видат се мали музеи на минатото или ресторани во автентичен амбиент.
Се разликуваат водениците и млиновите. Водениците потсетуваат на сиромашно време, кога лебот бил речиси единствена храна на синијата. Точно е дека два лути камења не мелат жито. Воденичките камења се различни да го мелат житото. Едниот е мек, а другиот лут камен. Се мелело “мајчино брашно”, за леб. Со посебно поместување во размер од пет до десет милиметри на каменот, се мелело појадро за сточно брашно.

Во прилепско “клокотеле” камените воденици во месноста Поводеници. Биле стари и по сто години, а биле во функција до 70-тите години од минатиот век. Мелеле на вода со два воденички камења во иста просторија. Едниот вртел од изворот до воденицата, а другиот од реката која течела. Од јазот водата се водела во седум-осум метри голема бука, од која истекувала и удирала на колцето, кое го вртело каменот со дупка. Во него паѓало житото, зрно по зрно и се добивало брашно за во вреќа. Штом ќе се испразнел резервоарот со пченица, ѕвонче давало знак да се стави жито. Ако нема жито, каменот се запирал да не врти, а водата си течела.
Воденичарите живееле покрај водениците
Воденичките камења се изработувале рачно.
– Се мачевме, рачно ги кршевме, а потоа ги оформувавме. Денешниве камења се над илјада евра и се купуваат. Служат до седум години – објаснува еден од наследниците на воденичарите.
Некои воденици ваделе и масло од сончоглед.
Млиновите денес работат на електромотор на струја. И порано и сега уемот бил во “игра”.
– Сопственикот на пченицата плаќаше за мелењето надомест кој се викаше уем. Обично сметката беше по десет насто во натура. Наместо со пари, плаќаше со жито. Од сто килограми мелено брашно, наплаќавме десет килограми жито – кажува стариот Мирко Стојаноски.
Просторијата на воденицата обично е обоена во бела прашина од брашното. Најдоброто брашно излегува од добро испечена пченица во сончева и сушна година. Брашно се прави и од царевка. Може да биде бело, “црно”, ржано, интегрално и слично.
Воденици имале Петре Маја, Дано, Петре Кривио, Ѓорѓимајковци, Пурдевци, Алавантиовци, Мурговци, Небрежанци, Присаѓани Шабановци, Цаковци и други. Млинови имале Самаковци, Тамбевци, Мргевци, Млинот на петте другари и други.