СТОКОВНИ РЕЗЕРВИ

Криза. Економска, финансиска, здравствена и секаква. Актуелно е тоа какви се стоковните резерви. Повторуваме – СТОКОВНИ резерви. Да, така треба – СТОКОВНИ. А зошто сите запнале СТОКОВИ, па СТОКОВИ? Сите, како договорени – политичари, новинари, презентери, па и обичните граѓани. Зошто е тоа така? Именката “стока” е општо позната. Нашиве луѓе, за жал, упорно ја напуштаат. Сите велат “роба”. А таа именка, тој збор “роба” значи фустан, домашен. Обично свечен. Во училиштата се учи дека секој производ наменет за пазар се вика стока. Од тој корен се изведени придавките стоковен, стоковна, стоковно. Имаме СТОКОВЕН промет, СТОКОВНА размена, СТОКОВНО производство, СТОКОВНИ резерви, СТОКОВНИ куќи.

Ајде малку носталгија. Имавме во времето СТОКОВНА куќа. Сега сме помодерни, имаме маркети, молови… Стоковните куќи беа најубавите трговски објекти. Приквечерина. Корзото штотуку почнува. Чекаме да светнат излозите од продавниците. Блеснува стоковната куќа. Убаво аранжирани излози, светлосен блесок, светлечки реклами. Романтика. Време на нашата генерација.

Да се вратиме во реалноста. Зборот “стоковни” подразбудува некои подзаспани спомени. Не врати во едно “наше” време. Значи, имавме, постоеја СТОКОВНИ куќи. Па ако ништо друго, барем само тој збор, “стоковни” треба да потскаже дека терминот “стокови” е погрешен. И чудно е, многу чудно, што никој не погледува во некој речник, во Правописот. Чудно е што никој лектор не обрнал внимание и не укажал за овој погрешен збор – СТОКОВИ. Драги новинари, драги лектори, уште подраги и најдраги политичари, запомнете СТОКОВНИ резерви, а не СТОКОВИ.

Често пишуваме за лошите преводи во ТВ програмите. Во една емисија слушаме, односно читаме, извесна девојка кога била мала направила нешто што не било убаво. Заради тоа, нејзиниот татко ја врзал со “јуже” и ја истепал со “прут” .Зар ова не е крајна неодговорност? Како е можно? Во скопскиот говор јажето се вика “јуже”, а пратот “прут”, но тоа во ниеден случај не значи дека ваквите локализми треба да се користат во литературни преводи. И овде го поставуваме прашањето – каде се лекторите?

Еве уште еден случај од скопскиот говор. Сериска емисија. Човек не може да доброи колкупати се употребува глаголот “збориш”, наместо “зборуваш”. И не само таа форма, туку и сите други од таа основа – зборам, збориме, зборите и така со ред и така редовно и така погрешно.

Се влошува ситуацијата во Украина. Воена состојба. Многу наши превозници заглавени и не можат да се вратат дома. Слушаме дека наши камионџии биле заглавени. Не се тоа камионџии. Со таква наставка “џии” (џија) се одбележуваат произведувачи на нешто – бозаџии, алваџии, ортомџиии слично. Тоа се турски наставки, но уште се доста продуктивни. А луѓето што се останати по границите, не се камионџии, тие не произведуваат камиони, туку се возачи, шофери, превозници. Редовно слушаме тие да се нарекуваат – КАМИОНЏИИ. Погрешно е тоа.

А слушаме и една многу несмасна реченица: “Заглавени многу транспортни превозници”. Замислете – ТРАНСПОРТНИ ПРЕВОЗНИЦИ. Па, нели, превозот е всушност транспорт. Можеби некогаш ќе чуеме да се вели – превозни транспортери! Сé е можно.

Ако згреши градежникот, ќе се урне објектот. Ако згреши машиновозачот, ќе се судрат возовите и… Ако згреши јазичарот и влакно од главата нема да му падне.

Ех, кога би имало за сите по едно “јуже” и по еден “прут”.

Loading