ДЕВЕТ КОЛА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ВРВОТ

Фудбал: Победа е два бода покуса од Слога

Иако Победа беше фаворит, иако се сметаше дека лесно ќе се прошета на патот кон Првата лига, пред почетокот на последниот, трет круг од Втората лига – Исток,  ништо не е гарантирано за неа. На табелата прилепскиот тим е со 37 бода, два помалку од виничка Слога. Разликата се случи по нерешеното дерби на Победа со Беласица 0:0, а со триумфот на виничани од 2:0 над Саса. Само првопласираниот веднаш станува прволигаш, а второпласираниот игра бараж.

Претстојат девет кола во кои четири тима се надеваат на повисок ранг – покрај Слога и Победа, уште се Беласица и Саса. Прилепчаните ќе чекаат слаб резултат на Слога на мечевите дома со Пехчево, Детонит, Локомотива и Саса, на гости со Кожуф, Братство, Осогово и Беласица. Од друга страна, Победа треба да собира бодови дома со Кожуф, Братство, Осогово, Беласица и Пехчево, на гости со Детонит, Локомотива и Саса. Ако овие дуели не решат, ќе се чека последното коло и дербито Слога – Победа.

В сабота (15 ч.) вниманието е кон Слога – Пехчево и Победа – Кожуф.

Табела: Слога 39, Победа 37, Беласица 35, Саса 34,  Осогово 23, Пехчево и Кожуф по 22, Детонит 20, Братство 13, Локомотива 6.

Четврта победа на Братство

Братство зеде силен залет. По победата над Саса во Каменица, тимот од Житоше дома со 1:0 (стрелец Самир Каришиќ) го совлада Детонит. Борбата за опстанок продолжува. В сабота е гостувањето кај Саса. Екипата на Братство не е без шанси, со оглед на двете претходни победи над тимот од Каменица.

Loading