Себренко Чапкуноски е пензионер со свои 85 години. Најстар делегат е во собранието на Здружението на пензионерите во Прилеп. Го минува веќе вториот мандат од разгранокот од селото Тополчани. Мирен, тивок, скромен човек, што го држи умот на годините.
-Ги пренесувам, веќе осма година, мислењата, забелешките и проблемите на неколкуте десетици пензионери од родното Тополчани. Но, и од околните села, чии жители се пензионери – вели Чапкуноски.
Жали што во селото останале малку луѓе, малку жители.
-Младите заминуваат. Моите деца, еден син и две ќерки, не живеат во Тополчани. Ќерките се одамна во Прилеп. Син ми со семејството многу години живее во Прага. На неколку наврати сум бил. Убав град, луѓе. Најважно е што моите се добро снајдени. Работат и синот, и снаата, и внуците. Имам богатство. Шест внуци и седум правнуциња, кое од ќерките кое од синот. Ме одржуваат во живот, за нив живеам. Со нивната среќа се радувам. Така издржав толку години – вели Сребренко.
Не знае како го доби неговото необично име.
-Можеби кога сум се родил среброто било на цена и кумот поведен од тоа ми го ставил името Сребренко – додава тој.
Пред да се пензионира работел во ЗИК Прилеп. Продавач во продавницата, а потоа келнер во ресторанот од овој тогаш голем комбинат со повеќе стотици вработени од ова и од блиските населени места. Се сеќава дека имало лозарство, краварство… Се сеело пченица, пченка, сончоглед и други култури. Неговата работната единица била најголема, со многу вработени. Полето било штедро и давало плодови. Богатство од сé и сешто.
-Така беше, можеби затоа што бевме млади, полетни, полни со снага или така ни се чинеше. Сега останавме малкумина. И јас со едната нога веќе сум излезен во Прилеп. Дел од семејството ми е во ЕУ – низ смеа кажува Сребренко Чапкуноски, најстариот делегат во прилепското пензионерско собрание.
![]()

