Фотографијава сведочи дека Прилеп од секогаш имал сенс за новото, за прогрес. Се вишнее деветкатницата, се ѕида цигла по цигла, се курдисуваат станови. Никнува првата повеќекатница! Градилиште е централното подрачје. Прилеп пак е градилиште, се градат станови, куќи затоа што е масовен интересот за проектот “Купи куќа, купи стан”!
Дека се мислело на урбанизацијата, сведочат и канализационите цевки кои се поставувале. Се градело и се подобрувале условите за живот. Граѓаните орни за напредок, полетни, жива сила не ги сопирала. Како што младоста, мајчината љубов í дава сила и крилја, и на оваа млада прилепчанка да поита и на “велиспед”, како што милуваат да го речат прилепчани своето најпопуларно возило и да ја однесе челатта до кај мајка, баба, или пак на гости, на училиште. Ни жештината, ни прашината не í го земаат здивот, ниту видот!