ГОЛЕМО И ХУМАНО СРЦЕ ЗА ЧЛЕНСТВОТО

СЛАВКО ТРАЈКОСКИ – претседател на прилепското пензионерско здружение

Разговорот со претседателот на Здружението на пензионери од Прилеп, Славко Трајкоски го водевме во време кога  некако на свој начин пандемијата од Ковид-19 попушти и овозможи полабаво комуницирање и меѓу  пензионерите.

Најпрво Трајкоски го запрашавме колку членови има на списокот на  Здружението, или поточно  колку членови  секој месец плаќаат по 30 денари членарина?

-Ние сме едно од поголемите здруженија на пензионери членки на Сојузот на пензионерите на Македонија со нешто повеќе од 14 450 членови. Точно преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на членовите кои потпишале изјава за членство им се запираат по 30 денари, но 2,5 денари остануваат во касата на СЗПМ за тамошни и заеднички активности, а со другите средства ги реализираме активностите што не се за потценување. Здружението постои повеќе од 70 години. Организирани сме во 19 пензионерски ограноци во градот и населените места Кривогаштани и Долнени. Соработуваме со Сојузот на пензионерите. Претседателот на Собранието на СЗПМ е делегат од Прилеп. Во Извршниот одбор на СЗПМ имаме наш член и делегат во Собранието. Имаме делегирано член на правно економскиот форум и комисијата за културно-забавен живот. Претседателот на статутарната комисија при Сојузот е избран од редовите на нашето здружение, а има и член на издавачкиот совет на весникот Пензионер плус од прилепското здружение. Имаме добра соработка на ниво на државни пензионерски органи. И на локално ниво сме за пофалба со нашата соработка.

На што беа насочени активностите на Здружението последниве две години, за време на пандемијата?

-Сите планирани активности од комисиите и одборите беа прифатени од одборите на 19-те разграноци со редукција заради пандемијата и за заштита на членството, кое, за жал, е во првата линија, зашто е во ризичната група на жители, односно е во “трето доба”. Сепак, имавме доста активности и се наредивме меѓу најдобрите меѓу 53 здруженија во СЗПМ. Направивме доста за членството. Прво сме со најмногу пензионерски клубови. Имаме 13 клубови во трите општини. Отворивме и опремивме нов клуб во Варош каде го решивме прашањето за просторна активност за секогаш. Со сопствени средства купивме простор за пензионерски клубови и ги опремивме во  Точила и Корзо. Со доделување на просторија во зградата на пензионерите во центарот од Фондот на ПИОМ добивме и опремивме нов клуб во Бончејца. Ги реновиравме и опремивме клубовите во Кривогаштани и во разгранокот Сточен пазар. Ги адаптиравме и преградивме големите простории во Рид 1 и Рид 2. Не треба да се заборави реновирањето и опремувањето на централниот клуб и канцелариските простори на ЗП Прилеп. Планирано е наоѓање на поголема од сегашната просторија во Вишне. Во пандемиската година, во наша организација и под покровителство на СЗПМ се одржаа три регионални пензионерски средби. На спортски план се одржаа регионалните спортски игри на пензионерите од Битола, Демир Хисар, Ресен, Крушево и нашите екипи. Прилепските екипи освоија најмногу, пет први места и се пласираа на државните спортски игри во Велес каде се пласиравме на петто место. И на културан план се организираа две културно-забавни манифестации. Се одржаа регионални пензионерски музички средби, а потоа и значајната манифестација за 75 годишнината од пензионерското организирње во Македонија и 100 годишнината од раѓањето на големиот македонист поет, прилепчанецот Блаже Конески. На поетската манифестација учествуваа пензионери од земјава. Прилепската пензионерска асоцијација е единствена со повеќе културни манифестации и две културно-уметнички друштва,  Пензионер и “Пенка Котеска”.

-Кои други активности беа реализирани лани?

Ќе набројам некалку, оти се многу и се различни од активностите во другите членки на СЗПМ. Комисијата за здравство лани додели 2 милиона денари за болните пензионери од Ковид-19, потоа 250 илјади денари на пензионерите што користеа бањско лекување, а нешто повеќе од 800 000 денари на два наврати на пензионерите со ниски пензиски примања. Бевме наградени со посебна Благодарница од СЗПМ, како најхумано здружение кое се грижи за стандардот на членството. Благодарница ни се додели за денот на пензионерите, 20 сепетември. СЗПМ првпат воведе ваква награда. Меѓу сите 53 членки, лани доделивме повеќе од 3 милиони денари за членството и сме единствени со толку многу средства на своите членови. Комисијата за одмор и рекреација имаше планирано повеќе активности, но  заради пандемијата ги редуцира. Организираше 3 екскурзии со по 160 членови или околу 500 учесници. Активност забележа и Активот на жените. Се собираше облека и средства за децата од селото Манастирец Македонски Макеоднски Брод. Пред Нова година го посети домот на стари лица, каде за штитениците обезбеди подароци, а  КУД “Пенка Котеска” одржа музичко-забавна приредба. Повеќе правилниици разгледа и даде виза да се спроведат според Статутот. Имавме добра соработка со Сојузот на борците и почитувачите на борбените традиции, каде членуваат повеќе пензионери. Иако ланската година беше пандемиска, сепак имавме доста активности. Телата и органите беа активни. Собранието одржа две седници, а Извршниот одбор 6 седници, на кои беа донесени значајни одлуки од интерес и за доброто на пензионерите. Продолжи практиката на разгледување на материјалите во базата, во одборите на разграноците и на седница на претседателите на сите ограноци пред седниците на Извршниот одбор и делегатите на Собранието. Секако за нив виза даваат избраните делегати, како што се Извештаите за работа, финансискиот план и секако програмата за работа. И овојпат, се оствари истата постапка за програмските цели и задачи за оваа 2022 година.

Кирил Ристески

Loading