Сало, леб и црвен пипер беше јадење деликатес од нашето детство. Свинското сало се јадеше и како лек и како храна. Постарите генерации знаат за времињата кога не постоеја толку предрасуди за користењето на салото во кујната, здравјето, па и во козметички цели.
Секој има право на избор дали ќе користи сало или не.
Сите како деца барем еднаш пробале јадење приготвено од бабите додека се трепне. Без разлика дали тоа е топол леб, погача или ладен леб, е неважно. Парчето леб намачкано со сало, посолено и наросено со црвен пипер во прав или буковец е вистински деликатес со кој се трча на улица, се игра до немајкаде и нема ништо послатко.
Салото испрано во девет води е познат лек кој им се става на децата во носот. Помага и кај возрасните при затнат нос или бронхитис. Од салото се приготвуваат и кремови за сува кожа и разни билковни мевлеми.
И најубавите јадења се приготвуваат со сало, печени компири, зелници, пити, ванилици, разни колачи… И тоа домашно сало, а не од индустријата. Секако дека оние кои боледуваат од тешки заболувања, треба да го одбегнуваат салото. Во секој случај, не треба да се претерува, туку да се биде умерен.
Салото не е да се рече ,,фуј,,, туку е за уживање.