Никола Мариновски, советник од СДСМ во Советот на Општина Прилеп
Како член на Советот на Општина Прилеп, лани во ноември, поднесовте иницијатива за изработка на детални урбанистички планови за поранешен Современ Дом, Партизанка, Билјана и поранешните магацини на Центропромет. Комисијата за урбанизам ја прифати иницијативата. Ќе се измени и надополни годишната Програма за финансирање на изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Прилеп за 2022 година. Што добиваат компаниите кои работат во овие локации во градов?
Овие иницијативи се производ на нашите предизборни ветувања дека бизнис секторот ќе добие реален претставник во советот кој реално ќе се позанимава со нивните проблеми. По прифаќањето на иницијативите, сега компаниите кои се наоѓаат во споменатите т.н. индустриски зони ќе имаат можност да достават предлог ДУП кој ќе соодветствува на нивните потреби и ќе можат да ги развиваат нивните компании согласно нивната финансиска состојба и потребите на пазарот. Исто така и просторот кој се најдува измеѓу нив ќе можат да го оплеменуваат и заеднички да го користат. Покрај тоа, со носењето на нов ДУП, ќе можат многу побрзо и поедноставно да поднесуваат барање за легализација на објекти кои заради нивните потреби биле приморани бесправно да ги изградат. И тие објекти ќе можат да бидат инкорпорирани во тој нов ДУП и ќе можат да бидат по брза постапка легализирани. На тој начин и на вработените во општинската администрација би им било полесно да постапуваат во делот на легализација на бесправно изградени објекти.
Што е со Современ Дом каде веќе има донесен ДУП , и во тој случај измените би оделе преку Измена на ДУП, но истите не можат да бидат поднесени пред 2024 година бидејќи тој ДУП е донесен во 2019 година ?
Современ дом веќе има усвоен ДУП во 2019 година. И тоа е позитивно бидејќи поголемиот дел е завршен со прибирање на податоци за постоечки подлоги , димензии , инфраструктура и слично. Согласно законските прописи во нашата држава , по донесување на иден ДУП нема можност да се носи нов ДУП во наредните 5 години. По истекот на овој рок тогаш може да се премини на измена на ДУП и да се бара промена само на оние делови каде што има потреба а останатото да остани исто. Тоа е по денешните закони. Како што сум информиран веќе се работи на нов Закон за градење кој уште повеќе ќе ги намали овие рокови, а исто така ќе можи да се вршат измени на ДУП и во помали делови или само по катастарски парцели а не по цели блокови . Но тоа откако ќе го донесат законот ќе го разгледуваме
Временската рамка, рокови кога се очекува предлозите за ДУП од страна на правните субјекти да бидат усвоени?
Временската рамка ќе си ја одредат самите компании, бидејќи сега останува на нивната флексибилност и ажурност во каков рок ќе излезат со предлог ДУП за нивните градежни блокови. Од поднесувањето на предлог ДУП , со посериозна ангажираност од општинските власти и министерството за транспорт и врски , а потоа и одлука на советот, сметам дека за 6 – 9 месеци максимум ќе добиеме нови ДУП-ови, сметано од денот на поднесувањето на предлог ДУП до Општина Прилеп. Со поголема ажурност тоа може да биде и побрзо.
Колку изготвувањето на предлог ДУП-овите ќе се товар за компаниите или тоа ќе биде незначително во споредба со развојот и откочувањето во урбанизмот за компаниите?
Во зависност од бројот на компаниите во самото место, толкава и ќе биде распределбата. Како за пример ќе ја земам т.н. индустриска зона Билјана. Таму активно работат околу 30 тина компании. Кога тие би го поделиле трошокот помеѓу себе не би требало да чини повеќе од 500 евра по компанија, а можеби и помалку. Таа сума сметам дека нема да наруши никаква ликвидност на тие компании, напротив со можноста која ќе се отвори , истите ќе го забрзаат својот развој , ќе вработат повеќе граѓани, ќе уплатат повеќе комуналии во општинската каса и ќе заработат повеќе. Ова е како што би се рекло во бизнисот WIN-WIN за сите инволвирани страни.