ЗОШТО НЕ СЕ СНИМИ ФИЛМОТ ЗА ФК ПОБЕДА?

Живот: Душко Ѓорѓиоски – Бизмарк, режисер

-Планирано беше да се побараат значајни играчи и тренери низ цела Југославија

Документарен филм за Фудбалскиот клуб Победа. Идејава е дамнешна. Пред 17 години се јави идеја со наслов “Златната генерација”, посветена на генерацијата која во шеесеттите години беше на прагот од Првата југословенска лига. Се ангажираа новинари, тренери, играчи. Се снимаше неколку дена во една од кафеаните, но… Работите застанаа. Немаше информација што конкретно се случи. Надежта пак се јави во 2018 година, кога од Победа извести дека на игралиштето кај Могилата на тренингот се појавил познатиот режисер Душко Ѓорѓиоски – Бизмарк. Оттогаш еве минаа три-четири години. Што се случи, кажува Ѓорѓиоски.

– Со некој од моите соученици евоциравме спомени за гимназиските денови. Мене класен ми беше професорот по француски Миле Најчески, некогашниот фудбалер, одличен бек. Така се сетив дека на секој класен час во понеделник не разговаравме за училиштето, туку како играше Победа во неделата. Подоцна со писателот Трајче Крстески  сакавме да направиме нешто убаво, што заслужува Победа. Му предложив добар филм за Прилеп. Тој прифати околу 2000 година. Одевме според книгите од Веселин Тофоски, за развојот на фудбалот во Прилеп. Од првиот тим СД Гоце Делчев па наваму – вели режисерот.

Желбата да се направи нешто за омилениот клуб – огромна, а се знае зошто. Затоа што животот во Прилеп е поврзан токму со Победа, во најубавите години, во младоста. Спомени незаборавни. За подготовките да се појде на стадион. Ѓорѓиоски кажува дека уште во петок и сабота се изработувале транспаренти. Тоа се годините кога клубот има прогрес, од влезот во Втората југословенска лига, преку пласманот во четвртфиналето од Купот до шансата за влез во Првата југословенска лига. Колку натпревари, голови, публика. Колкава радост. Не се опишува со зборови, само се доживува.

– Не се сеѓавам против кој тим, имаше неверојатна тензија за време на мечот. Набој, електрицитет, целата публика беше на нозе. Сите со респект гледаа на Победа, која на почетокот од шеесеттите успеа да ја совлада и белградска Ѕвезда. Од толку огнено навивање, ние, учениците, не можевме да зборува следниот ден на училиште. Сите бевме зарипнати – потсетува на навивачката страст.

Навивачка страст, силна енергија кај нашиот соговорник. Открива детали за за документарниот филм за фудбалските имиња кои и ден-денес се паметат и оставиле траги. Се планирало да се снимат сеќавања на новинарите Драги Башески, Миле Талески и други. Сеќавања на легендарните фудбалери, како Кирил Атанасоски – Бикерес, Методија Костоски – Мештата, нивните врсници и други играчи од старите времиња. И легендарниот струмичанец Благој Истатов бил на списокот. Планиран бил двочасовен документарен филм со мали играни елементи. Учесниците да бидат во фудбалски амбиент, на стадионот за да зборуваат послободно и инспиративно.

– Предложив да не ги заборавиме и најголемите имиња од судиите. Бидејќи претходно за ТВ Прилеп, кога се формираше медиумот, направив документарен филм “Првата судиска свирка” за Александар Самарџиоски. Сценариото овозможуваше учество на истакнати судии, тренери. Требаше да се патува низ поранешна Југославија и да се најдат луѓето, да се договорат средби и да се снимаат. На австриските Алпи сретнав еден човек од Шабац кој играл за Победа. Му кажав за идејата за филмот. Сакаше и тој да биде снимен – издвојува Ѓорѓиоски од интересните средби.

Многу планирани за снимање, но единствено се снимил Методија Костоски – Мештата во просториите на Победа некаде 2015 година. Разговорот е 20 минути каде тој раскажува за првите детски денови кога со другарите играл фудбал во маалото. Кажува со кого ирал заедно. Потсетува и на првиот удар како првотимец, за преубавите, интересни доживувања при патувањата како момче – фудбалер. Снимениот материјал е кај неговото семејство. Вториот на списокот, според Ѓорѓиоски, е најдоброто десно крило во целата Втора југословенска лига, Кирил Атанасоски – Бикерес. Снимањето отпаднало поради настинката. Бикерес тогаш бил ѕвезда како сега Меси. Кога ќе ја удрел топката, неодбранливо било. Десно крило, во лев агол. Неговата игра, поезија. Задоволство да се гледа. Не игра, туку танцува. Колку радост предизвикувале тие потези. Еуфорија! Сето тоа требало да влезе во филмот. И баш тука прекинало. Пропаднал и овој обид.

– Важен беше материјалниот, финансискиот момент. Снимателот од тоа живееше. Дал 20 илјади за камерата. Треба да ги врати парите и да преживее. Според калкулацијата, потребни беа 50 илјади марки за две години. Филм не се прави за два месеца. Бевме “дриблани” 10 години. Разговарав уште со неколку луѓе и немаше желба, како да загубиле сенс. Оптоварени со онаа меркантилност. Што ќе е сега фудбалот, јас сум бизнисмен. Заборавија на достоинствата кои ги создаваа генерациите – смета Ѓорѓиоски.

Како да не зборуваме со пензионер, ами со човек кој е во зенитот. Со елан говори за работата. Според она како со љубов ги спомнува фудбалот и Прилеп, убедени сме дека од Душко Ѓорѓиоски – Бизмарк ќе прави уште обиди да го реализира филмот за Победа.

Од стадион на претстава

– Дваесет илјади гледачи. За таа публика планирав посебно место во филмот. Прилепчани масовно одеа на стадион. И да имаа планирано да одат в театар, не пропуштаа натпревар. Пример натпреварот е од 16 до 18 часот, во недела. Завршува мечот, поминуваат покрај театарот и веднаш се редат за влезници. И своите сопруги ги водат на претстава. Тоа го знам, оти четири години бев в театар – издвојува една од занимливостите.

Полемики в чаршија

Фудбалот во Прилеп не се одвиваше само на стадион и само во недела. Фудбалот беше секој ден  на секаде низ градот, низ чаршијата, продавниците, дуќаните…

– Не беше ехо на денот натпреварот. Тоа беше ехо на неделата. Цела седмица се анализирашеа натпреварот, кој, што, каде успеал, каде потфрлил, што треба да се направи. Тие не беа индиферентни, туку многу сериозни разговори. Имаше и тензии, дури и конфликти на споротивставени табори. Се чувствуваше вжештена атмосфера. Убави времиња на еден град со своја традиција – зборува со воздишки Ѓорѓиоски, прилепчанец кој живеел во Софија, Белград, Куманово, Скопје.

Фудбалска хумореска

Прилеп нема снимено филм, но има уменичко дело за фудбалот. Тоа е една хумореска од писателот Миле Попоски, авторот на незаборавните “Викенд на мртовци” и “Солунски патрдиии”. Хумореската е одиграна во прилепскиот театар.

– Духовито напишан текст што се одигра в театар во 1960 година. Играше Цане Настески. Имаше многу хумор, мајтап, шеги… Публиката просто “урлаше” кога ќе се појавеше Цане со шорцови на сцената – низ смеа кажува Душко Ѓорѓиоски.

Loading