Нашата уметница Бојана Артиновска Трпческа создаава нов истражувачки процес во уметноста со аспирација да го открие влијанието на бојата во просторот. Делата се дел од циклусот “Зародиш на бујноста”.
– Според древната практика на фенг шуи, секој основен елемент има посебна моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, зависно од која страна на светот е поставен. Изработив големи платна каде преовладува една боја, инспирирана од секој елемент посебно. Првиот елемент кој природно ми дојде да го претставам беше Земјата. Веројатно што ми е најблиска. Секоја боја во природата може да ја претставува земјата. Сепак, најчестите нијанси за симболизирање на енергиите на Земјата се кафеава, црна и зелена. Мојата првична асоцијација ми беа зелените нијанси на земјината вегетација, преку кои земјата раѓа, дише и нé храни. Ја нареков изобилство, бидејќи од неа извира целиот живот… Таа е плодна, негува, приземјува, силна е и постојано се трансформира. “Зародиш на бујноста” е мојата зелена тема посветена на Земјата, изразувајќи ја мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа сé, и сé се повторува и се враќа – вели Трпческа, која делата ги презентира преку нејзиниот профил на ФБ.