72 години театар “Војдан Чернодрински”
Театарот “Војдан Чернодрински” вечерва одбележува 72 години од формирањето. Годишнината ќе биде прославена со изведбата на претставата “Да инспекторе, претстава со грешки” во режија на Синиша Ефтимов. Тоа е последна премиера по мотиви на текст од Хенри Џонатан Хенри, во која сите грешки актерите се обидуваат поуспешно да ги прикријат без публиката да забележи. Ама во оваа претстава сé што може и не може да се замисли се одвива погрешно. Имено, аматерското друштво Преродба е толку посветено во изведбата што не дозволува ништо да го спречи расплетот на крими драмата “Македонско крваво буре”. Актерите, поголемиот дел од ансамблот на театарот, преку ликовите, најдоследно што можат, го следат текот на дејствието и сé што се одвива на сцената претендира на разрешувањето на мистериозното убиство. Убиецот мора да е некој од нив, а сите се толку сомнителни. Тхе схоњ муст го он! Како што расте тензијата за нерешливата мистерија, така расте и борбата на актерите да ја изведат нивната претстава доследно и до крај.
Првата претстава на театарот “Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, е одиграна на денешен ден во 1950 година. Оттогаш, разните генерации актери, вооружени со елан, самопожртвување и творечки занес го покренаа “плугот” да ја ораат театарската ледина”, уверени дека ангажманот ќе даде плод. Така и би. Низ годините се ределе премиерите една по друга, се нижеле успесите и падовите, а колективот се збогатувал со искуство во катадневната пракса. Денес ансамбл располага со врвни актерски имиња.
Во досегашниот опстој театарот “Војдан Чернодрински”, прикажал над 360 премиери, изиграл над 7000 претстави гледани од над 1,6 милиони луѓе. Најгледани и најиграни се “Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и “Од кол на кол” во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.
Театарот низ годините има постигнато голем успех и со претставите “Силјан Штркот”, “Туѓо сакаме – свое не даваме”, “Колобан”, “Молам за секс”, “Спиро Црне”, “Арсениј”, “Полковникот птица”, “Опера за три гроша”, “Змејовата невеста”… Претставата “Тапани во ноќта” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, го “крена” театарот во височините беше бренд не само на македонскиот театар, туку и на балканскиот. Со “Тапаните…” театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-то издание на МТФ “Војдан Чернодрински”, а претставата “Кавкаскиот круг со креда” во режија на Мартин Кочовски во 2011 година беше прогласена за најдобра на фестивалот ЕХ Понто во Љубљана, Словенија.
Театарот го носи приматот меѓу ансамблите во земјава. Препознатлив е како куќа со праизведби на текстови од македонски драмски автори. Првпат се поставени текстовите на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески…
![]()

