ПРАЗНИКОТ НА БАКАЛИТЕ

Утре е Свети Три Светители

Со архиерејска литургија во црквата Св. Благовештение, утре ќе се одбележа празникот Свети Три Светители, познат како патрон празник на бакалскиот еснаф.

Прилепските бакали, односно дуќанџиите и трговците веќе 60-тина години ја одржуваат традицијата на прослава на празникот, на начин што после црковната литургија, се собираат на заедничка трпеза и со дружба го одбележуваат патрон празникот.

Годинава домаќин пак ќе биде Кирил Јандреовски, сопственикот на пекарницата Маја. Тој оваа улога ја имаше и лани, но заради пандемијата од короната и строгите мерки, чествувањето мина скромно. Скромно, ќе биде и годинава, но ќе се истера адетот.

-Бакалите го сакаат и почитуваат овој ден. Најважна е литургијата во црквата, а собирањето на заедничка трпеза ќе биде во Лениште. Тоа е чин кој и годинава ќе се направи колку за адет. Чест и гордост е да се биде домаќин со верба во подобри денови за трговците – вели Кирил Јандреовски, домаќин на денот на бакалите. 

Според постарите прилепчани, традиционално славење на Денот на бакалите, се практикува од 1954 година.

Чествување на три архиереи

Празникот на Светите Три Вселенски учители и светители е востановен за празнување во 11 век за време на владеењето на благоверниот и христољубив цар Алексиј Комнен. Имено, секој од овие три архиереи – свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари, но во тоа време се појавил голем спор околу тие три светители меѓу верниците. Едните го поставувале едниот светител повисоко од другите, а другите две групии обратно. Постоел раздор меѓу православните, при што едните се нарекувале себеси јованити, други василијани, а трети григоријани. По Божја промисла, светите три светители му се јавиле на Свети Јован, епископ Евхаитски кој се прославил со својот добродетелен живот и ученост, најпрво одделно, а потоа и заедно дека се еднакви пред Бога и се вознеле кон небото, сјаејќи со неопишлива светлина и повикувајќи се еден друг по име.

Блажениот епископ Јован пренел она што го видел меѓу луѓето кои спореле. Меѓу нив веднаш завладеал мир. Сите три светители се празнуваат во јануари, (свети Василиј на први, Свети Григориј на дваесет и петти, а свети Јован на дваесет и седми) одлучил денот на споменот да биде на триесетиот ден од истиот месец.

БАКАЛНИЦИТЕ КАКО МОЛОВИ

На страницата Олд Прилеп има неколку фотографии од стари бакалници во градов, скромни дуќани во кои се продавале шеќер, газија, масло… Бакалница имало кај читалиштето Надежда (1916 г.), има фотографија од дуќанот на Шишковци (1939 г.), од дуќанот од Коста Корубиноски, од Пецо Стале, од Тофил Кузманоски, од Гога Чумовчанец… Има и фотографии од Трети Ноември и други трговски друштва.

Кога се пребарува кои прилепчани биле бакали излегува и податокот дека познатиот писател на роман “Крпен живот” и “Калеш Анѓа”, Стале Попов работел како бакал. Бакал бил и Аспарух Јосифоски, братот на Кузман Јосифоски – Питу.

Loading