НОЖИЦА ЗА ЛОЗЈЕТО ЗА ПОБОГАТ РОД

Свети Трифун

На 14 јануари се празнува Свети маченик Трифун, заштитник на градинарите и на лозарите. Момчето што на 17-годишна возраст со Божја помош ја излекува царската ќерка Гордана којашто не можеше да ја излекува ниту еден лекар во империјата. Стекна голема слава и настрада на 21-година, но остана во споменот на целиот христијански православен свет како поим за младост и доследност на христијанските традиции. Подоцна градинарите, лозарите и меанџиите го зеле за свој покровител. Прилепчаните кои имаат лојзе ја почитуваат традицијата и се збираат кај Лениште, Сарика и Поводеници.

Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен зимски, а други прв пролетен празник. Празникот е познат и како свети Трипун – пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.). Затоа луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

На иконите св. Трифун е претставен и со сорче за режење на лози или со наметка како чувар на гуски.

Обичаите поврзани се со првите пролетни активности, пред сé, со обработката на градините и лозјата.

Сé што се јаде и пие е Божји дар

Вообичаено обичајот на закројување на лозјата проследен е со црковен благослов, зашто, според народната традиција и црковното предание, свети Трифун е заштитник на лозарите. А лозата, со својот плод – грозјето, има длабока симболика во Православната Црква. Сé што се јаде и пие претставува Божји дар. Трпезата да биде благословена и, секој плод, иако сам по себе е вкусен и убав за јадење, сепак, преку благословот, станува уште повкусен и поубав. 

Лозарите, молејќи се на светиот Трифун, заштитникот на лозарите, излегуваат на лозјата да го извршат чинот на благословување и закројување и на таков начин повикуваат на Божји благослов. Но, без ненаситно јадење и неумерено пиење, зашто таквите дела не приличат и спротивни се на Божјиот закон.

СИ ГО ПРЕСЕКОЛ НОСОТ

Следниот ден по Свети Трифун е празникот Сретение Господне. Во народот постојат повеќе приказни како св. Трифун си го пресекол носот. Во преданието од гевгелиско се раскажува дека свети Трифун и Богородица биле брат и сестра. Еднаш кога Трифун работел во лозјето, Богородица тргнала низ полето да бере зелје. Берејќи запеала, Трифун слушајќи го гласот не познал дека тој е од Богородица, па се провикнал: “Ох, ох, ох”. Слушајќи го тоа провикнување Богородица го познала дека е гласот од нејзиниот брат и помислила дека тој си го пресекол носот и дека затоа вика. Итрчала дома, зела крпи и побрзала да му ги однесе да си го врзе носот. Кога пошла таму и му кажала што помислила тој рекол: “Јас вака режам, а не вака”. Притоа покажувајќи како го правел тоа, навистина си го пресекол носот. Народот мисли дека Господ го казнил затоа што се провикнал кон својата сестра, мислејќи дека е туѓа жена.

Loading