ИСКУСТВО И УМ ЗА ПРЕЦИЗЕН ОТСТРЕЛ

Ловџиска приказна од седумчлена тајфа

– Отстрелале 15-тина свињи, од кои една била тешка околу 160 килограми

Група од седум ловџии со душа чекаат да дојди викенд и да тргнат во поход на надмудрување со инстинктот на дивите свињи во околината на селото Никодин меѓу 1 октомври и 31 јануари, кога е дозволен ловот. Тајфата не ја издава страста ниту при снежни виулици, ниту при пороен дожд и ровји. Место не ги фаќа в град. Пет- шест дена сонуваат како ја добиле “борбата” со свињите во дивината. Коваат планови барем една свиња или вепар да биде трофеј за еден викенд. Ги токмат пушките и другата опрема, се подготвуваат да им предизвикаат пораз на дивите животни кои природно се бранат од пасионираните ловџии.

Низ нишанот на пушките искусните ловџии Златко Петрески, Методија Најдоски,  Александар Небрежанец, Милан Маркоски, Кристијан Наумоски, Игор Здравески и Димко Најдоски се “острат” за пусија и победа на ловиштето Ракле, Никодин, Крстец, Дервен, Борула, Црници до Степанци. “Наоружани” се и со телефони и со радиостаници за меѓусебна комуникација.

-Првин правиме стратегија, каде ќе ја направима пусијата, односно заседата, на колкаво растојание и каде ќе се стационираме да чекаме и каде ќе се тераат, бркаат свињите, дали има траги… Ако нема траги се селиме на друго место да не се губи од времето. Двајца се терачи со кучиња, а останатите се чекачи. Терачите го “скориваат” дивечот од нивното дувло и го наведуваат кон чекачите кои во заседата го начекуваат – велат Златко Петрески и Методија Најдоски.

Речиси никогаш не се враќаат со празни раце. Последнава сезона била богата. Отстрелале 15-тина свињи, од кои една била тешка околу 160 килограми. Подрачјето за лов располага со многу храна, со желади за животните. Затоа свињите масовно се множат и расте нивниот бројот. Откриваат дека се поефикасни во зима кога теренот е покриен со снег. Трагите се препознаваат лесно, макар што и отпечатоците од копитата се гледаат есенско време.

-Зиме полесно се отстрелуваат. Ако има траги, за 10 – 15 минути по прошетката на терачите, се “буди ѕверот” од засолништето. Терачите одвреме – навреме пукаат во воздух. По трпеливото сочекување, кога ќе излезе “на чиста” мета, се стрела внимателно. Не се пука ако нема “чиста мета”. Нема истрел додека сосема не се добие сигурност дека станува збор за дивеч. Поарно е да побегне некоја, отколку, недај Боже, да се погоди човек. Неискусните пукаат одма. Ние, со 25 годишен стаж, сме потрпеливи, располагаме со осет, знаеме кога и каде ќе дојде на најдоброто место. Не брзаме и не пукаме на повеќе од сто метри –  откриваат  Петрески и Најдоски дел од ловџиските вештини. 

Ловот бара и добра физичка подготвеност. Пешачат од 30 до 60 минути, некогаш и два саати да стигнат до локација која “мириса” дека има стадо од диви свињи. Нема резултати до патот и џиповите.

-Потребно е искуство, време за совладување на тајните на ловот, надоградба, ум во главата и тотална внимателност. Терачите се обезбедени со флуоросцентна облека, елек, капа да се разликуваат и да се препознаваат во шумата. Маскирната облека не е препорачлива. Свињите не гледаат, ама имаат природен дар за насетување на опасност. Ризикот го чувствуваат преку мирисот и човечките движења. Свињата може да побегне, ќе дојде друга, ама не смее да се избрза, да се пука и да се предизвика немил настан меѓу ловџиите – кажуваат ловџиите од тајфата која засега немала непријатни случки.

По отстрелот, внимателно се доближуваат. Се утврдува дека не дава знаци на живот, па се чисти утробата. Велат дека машките, а и женскит се раздразнети ако се ранети. Особено женските ако имаат мали, кои до смрт се борат да го спасат потомството, макар што ретко се случува во зима да водат зад себе десетина мали диви прасиња. Постои опасност да повредат некој од ловџиите со големите заби што извираат од рилките на устата. Пленот се дере од крзното кај џиповите или кај некоја ловџиска куќа. Свињите се гаѓаат со боева пушка и муниција. Носат и ловџиска пушка, двоцефка, ако ловџијата дојде до опасност, па да ја отстрела одблиску. И дел до похрабрите кучиња некогаш страдаат, оти влегуваат во стадото. Некои од кучињата се умни, па се внимателни и само со лаење ги откриват. Дури има и надарени кои ги фаќаат помалите прасиња за вратот.

Непишано правило меѓу ловџиите е пленот да се дели еднакво, без разлика кој ја отстрелал свињата. Се чуваат забите од вепарот како трофеј. Прецизниот гаѓач за награда ја добива и главата од свињата. Кожата се фрла в планина да се хранат крволочните животни, а ловџиите прават прва гозба со џигерите. Месото не е тегаво, туку е малку потемно и потврдо од месото на домашната свиња. Велат дека е природно и одлично не само за гурманите.

Овој “спорт” е ралативно скап. Големи се вложувањата во оружје, муниција и друга опрема. Се плаќа и членството во здружението, кај концесионерот на ловиштето. Тежок е патот за добивање на дозвола за располагање на ловно оружје. Нужни се полагања на разно-разни испити за утврдување на знаењата, а тие не се евтини.  

Лете дивите свињи знаат да направат штета во земјоделието. Да ја “оберат” царефката или да ја изедат зелката… Тогаш се организира хајка околу некое село да се отстрела штетникот. Инаку, во лето е забранет ловот на диви свињи, бидејќи е време за размножување. Хајки на штетен дивеч се прават во зима, како што се волците и лисиците. Меѓу заштитените животни кои воопшто не смеат да се ловат се елените и нивните млади, срните, мечките и ретките рисови.

Loading