ДЕВЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА КУЛТУРАТА

Општина Прилеп

Со буџет од околу девет милиони денари општината Прилеп ќе ги поддржи културните манифестации од годишната програма. Програмата е прифатена на последната седница на општинскиот совет.

Програмата содржи континуирана поддршка на фестивали со меѓународен карактер за зачувување на културното наследство и меѓународна афирмација  на градот. Пари има за карневалот Прочка, за негување на културното наследство и традицијата, за Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”, единствен на Балканот кој ги чува од исчезнување древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворни народни песни. Одделени се средства за а Мариовско-мегленските културни средби, за МТФ “Војдан Чернодрински”, кој ги презентира најдобрите драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција. Потоа за Интернационалниот детски музички фестивал Ѕвездички, за Пиво фестот, за Прилеп џез викенд, фестивал кој 10 години е место за наста на најдобрите имиња од македонската и европската џез сцена. Ќе се поддржат и уметничкото лето со меѓународните ликовни колонии и симпозиуми и интернационални ликовни работилници, манифестациите Поетско Маркукуле, Денови на Крали Марко, Мелфест, фестивалот за деца “Силјан Штркот”. Финансиска инјекција ќе добијат концертите и перформансите на КУДи танцови групи. Предвидена е помош во издаваштвото и за промоциите на книги на прилепски автори. Ќе се одбележат и празниците 11 Октомври, 3 Ноември, Св. Никола, Дочекот на Нова Година, Меѓународниот ден на Ромите и јубилеи и годишнини на настани и личности од историјата од значење за градот и државата.

Ќе се поддржи развој на активниот туризам. Приоритет ќе се стави на изработката на стратешки документ за ставање на културното наследство во функција на развој на Прилеп, како и јакнење на кадровските капацитетите во институциите од културата преку континуирани обуки, семинари и сл.

Loading