Димитар Чесноски (72) за празнувањето на Василица
За Стара нова година, односно за Василица отсекогаш се вртел мазник со паричка во Прилеп. Се играло и комар, се јаделе колбаси и се збирале, најчесто, другари. Како се празнувало објаснува прилепчанецот Димитар Чесноски (72) за кој не само овој ден, туку и дните пред и по Божик, Бадник и Коледе биле вистински славја, прослави кои се паметат. Повозрасните така правеле, ја одржувале традицијата која ја наследил и тој, а ја пренесува на наследниците.
И за оваа Василица, Чесноски се собираат со другарите, пријателите. Ја празнуваат Василица, поигруваат карти…
– На Стара нова година се играше комар, а каков зависи од собраните луѓе. Комарџиите играа голем комар, барбут, покер, мунти… Се собира фамилијата или другарите. Се поставува паричката во кората која не се отвораше додека не прекрши 12 саатот. До полноќ се мезеше, се играа карти, купчиња, затворен покер, мунти 31, се вртеше со врталце, земе или дај сé. Игри кои комарџиите не ги претпочитаа, но сите играа за ситни пари, да се проба среќата. Ако добиеш тој момент, се сметаше дека ќе те следи среќата цела година. Се играше за пари, ама за “ситни”, еден, два, три тогашни динари. Се јадеше најчесто колбаси и на крајот после 12 саатот се сечи мазникот, кај ќе падни парето, тој ќе има ксмет цела година. Ако се собрани другари кај кого ќе падни парето, тој ќе биде домаќин в година. Таа традиција ја почитувам и до ден денес. Ние сме 5 другари, јас, Кире Мемето, Коле Белче (Бог да го прости), Иле Зија, Лазо Рикало. Во мазникот клаваме паре, а збираме и други пари за да купиме златно паре, “петле”, секоја година – раскажува Чесноски.
Доследен е на традицијата. Иако паричка се врти во некои градови на Бадник, Чесноски верува дека е исправно да се става во мазникот за Стара нова година, за да биде среќна целата нова година.
– Препораката за младите е да ја одржуваат традицијата и да ја сакаат држвата. Да не одат “трбухом за крухом”, бидејќи поривот за брзо богатење ја испразни државата. Во моите 72 години сфатив дека овие традиционални ведности се изгубија. Сé се гледа преку призмата на парите, нема почитување, нема намус. Моите родители имаа намус меѓу себе. Ако требаше нешто да си кажат меѓу себе, нé не бркаа. Слушав разни приказни во казарница, ама ако требаше да кажат “мрсни” мајтапи или за некого нешто, не ме бркаа. Ќе ми речеа да купам ова или она или да однесам нешто кај тетка Верка, Славка… Кога ќе се вратев веќе, тие го направиле муабетот, ја свршиле работата. Син ми годинава е домаќин, лани му падна парето, ја држи традицијата. Сега не може да се соберат, едниот по пари ваму, другиот онаму дури и на денот. Така се собираат кога ќе можат. Мноу ретки беа личностите кои немаа почит за себе. Не сум обрнал внимание дали паричката носи среќа. За мене е забава и ништо посебно. Еден од друштвото ќе кажува, мене ко ми падна парето, ми се случи ова, она… Се почитуваме, се дружиме, го тераме адетот – вели Чесноски.
Жали што Прилеп полека го губи градскиот дух. Не се почитуваат навиките, намусот, оти напливот село-град го направи своето. Градските фамилии се многу малку.
КАСКЕТОТ “ИСПИЛ” 10 ЛИТРИ РАКИЈА
Памети еден настан за Коледе кога се пали огнот и се пие ракија. Со каскетот од татко му, подрумот се олеснил за 10 литри, наместо едно литар ракија.
– Во нашето маало имаше ергени. Ние имавме казарница. Го свикале татко ми да се напие една ракија. Сакал да ги чести и му рекол на децата одете да и побарате ракија на бабата, еве ви го каскетот – носете го со вас, да ви дади оти нема без него. Снемало ракија, го шетале, менувале, каскето со коледарите пет – шест пати. И другиот ден жената му вели, што ти стана толку ракија да дадеш! Абе само еден литар! А бе како, дојдоа 10-пати! Ах мангупи едни, рече татко ми – се сеќава Чесноски.
НА БОЖИК НА ГРОБИШТА “ПАЃАА” И ПЕСНИ
Многу добро од детството памети како се празнувале и другите сведени.
– Тоа беше доживување за Коледе, за Бадник. За Божик постот се држеше во сите фамилии. Со душа се чекаше да дојде Божик и да се јаде мрсна храна. За Коледе се палеше оган на сите крстосници во градов. Се собираа соседите. Потоа доаѓаше Бадник, традиционален празник, на кој се јадеше само посна сарма, гравче, тиква, урма, смокви, исклучуво наменет за фамилијата. Немаше одење по гости. После Бандик, Божик. Сабајлето се одеше на гробишта со топла ракија. Да кажам како комедија, во мојот живот немам видено толку пијани како на Божик на гробишта. Секој носеше во џебот шишенце топла ракија. Една ваму, една таму и се случуваше да дојде и до песна. Ручекот е свечен. Не паметам дека требаше да биде кокошка, а кај нас се правеше свинско печено, прасенце. Вечерта на именден, по два дена Свети Стефан. Па Стара Нова година. Така се празнуваше – се сеќава Чесноски.