КАДЕ Е СРЦЕТО НА Д-Р РАЈС ОД КАЈМАКЧАЛАН?

Исчезнато е срцето на д-р Рудолф Рајс од последното почивалиште, на врвот Кајмакчалан. Тој бил публицист, криминолог и форензичар во Првата светска војна, чие срце по негова желба со години почиваше на заветното место во спомен костурницата и црквата на Кајмакчалан. Никој не знае каде исчезна, односно кој го украде срцето на д-р Рајс?

Корените на љубовта на швајцарскиот доктор по хемија со германско потекло д-р Рајс, роден во 1875 г. кон  Макеоднија се должат на убавините на планинскиот врв Кајмакчалан, на планината Ниџе каде се воделе најкрвавите битки во Првата светска војна. Како експерт од воено неутралната Швајцарија, Рајс на повик на српската влада во 1914 година дошол во Србија  да ги истражува злосторствата кои Австро-Унгарците ги спроведувале над српските цивили во Првата светска војна. Најголемиот дел од истражувањето го минал на македонскиот (солунски) фронт. Така се заљубил во пејсажите на најгордиот врв Кајмакчалан. Угледниот криминолог кој бил основач на првата академска програма на форензички науки и на Институтот за криминалистика на Универзитетот во Лозана напишал дека одвреме-навреме ветерот ги растерува облаците и маглата. Тогаш се јавува најубавата панорама што може да се замисли. На боиштето како да останало сé на свое место. Дождот  откопува закопани трупови на загинатите. Морничава глетката со стотици трупови на 2.525 метри. Покривка во есен им се облаците и маглата, а во зима снегот.

Рајс останал да живее во Белград до крајот на војната. Оставил аманет, по смртта неговото срце да почива на Кајмакчалан. Кралот Александар му ја исполнил последната желба. Неговото срце во 1928 година од гробиштата Топчидер, во обвивка од злато, ставено во урна, го пренел на Кајмакчалан, на која напишал кратка посвета за Швајцарецот и неговото дело.

Но, децении го нема срцето на Рајс. Според српски извори, во Втората светска војна, бугарски војници ја скршиле мермерната урна и го сокриле неговото срце. Некои велат дека тоа го сториле грчките војници. Локалните жители тврдат дека срцето на д-р Рајс било на врвот во малата црквичка Свети Петар до повлекувањето на ЈНА од Македонија. Мештаните се повикуваат на сведочењето на овчар, кој бил на падините кога се повлекувале војниците на ЈНА. Тој раскажувал како пред самрак војниците заминувале од караулата натоварени со опрема и оружје. Еден од нив во рацете носел нешто завиткано во хартија и внимавал да не се сопне при спуштањето по стрмнината. Овчарот слушнал дека војникот рекол дека тоа што го носел било поважно од оружје. По неколку дена, кога овчарот влегол во црквата, забележал дека таму повеќе не било срцето на д-р Рајс. Се сомневал дека тоа е она “моќно оружје” однесено од врвот.

Оваа дилема може да ја решат архивите во Белград. Иницијативата за истрага треба да стигне од македонска страна, но засега никој не ја покренал.

Делата што ги оставил д-р Рајс сведочат дека бил експерт по форензика, филантроп и хуманист со голем удел во расветлување на бројни факти од балканската историја од Првата светска војна. Тој наведува дека по бројните поделби, страдања, угнетување и невидени прогони, Македонците имале единствена желба да им се дозволи да живеат во мир. Кој било да им ја обезбеди таа придобивка во замена за десетлетија на асимилирање ќе биде поздравен. Напишал дека локланите бугарофони порадо би ги нарекол Македонци, иако нивниот јазик кој личи на бугарскиот. Тоа не е истиот јазик што се зборува во Софија. Македонскиот личи и на српскиот. Но факт е дека македонскиот не се зборува ни во Софија ни во Белград. Тоа е посебен јазик Македонецот не може да се нарече ни Бугарин, ни Србин, туку просто Македонец.

Кајмакчалан на границата со Грција во Првата Светска Војна бил една од клучните позиции на Солунскиот Фронт. Уште постојат бункери како неми сведоци на времето и на војните, на таа фронтовска линија, дури и објекти што им служеле на војските. Мештаните често наоѓаат неексплодирани бомби. Пред неколку години се откопани десетина шишиња стогодишно француско вино, но го истуриле, бидејќи “било многу старо, а сигурно и расипано”. Студенти од Гранција ка посетуваат линијат на фронот каде што се бореле нивните дедовци.

Loading