ИН МЕМОРИАМ
Почина доајенот актерот во театарот ,,Војдан Чернодрински,, Трајче Иваноски. Освен што беше актер, Трајче беше сопруг, татко, дедо…
Пепи, како што го викаа речиси сите, со душа и срце беше целосно посветен на театарот. Неуморен, ангажиран, сеприсутен. Актер со богат и плоден творечки опус, со голем број сложени и стожерни ролји, реализирани во дела од домашниот репертоар, светската драмска класика, современата драматургија. Импозантни централни ролји во многу претстави. Се памети по улогите на Протасов во ,,Децата на сонцето,, Креонт во ,,Антигона,, во ,,Нажалена фамилија,, како Агатот, во ,,Бегалка,, како Аџи Трајко, во ,,Скок преку кожа,,…
Со сопругата Лидија, со која делеа сé, и животот и театарот, ја реализираа дуодрамата ,,Залив,, во режија на Коле Ангеловски, одбележувајќи 30 години професионално актерство. Со претставата ,,Од кол на кол,, во режија на Коле Ангеловски одбележа и голем јубилеј, 40 години творештво.
До последно беше во театарот, играјќи во “Глембаеви” и “Лажговци”, на кој му дари многу, а и тој му врати, со освоените награди низ годините – за актерски остварувања на МТФ ,,Војдан Чернодрински,, за меѓународни награди, како и наградата ,,Трети ноември,, на родниот Прилеп.