– Прилепчани поделени за двете презимиња на сопругите
– Законски може да се промени и името и презимето
Наталија при склучувањето на брак, на моминското го додаде презимето од сопругот. Законот дозволува. Сопругот не се бунел, иако бил нервозен. Подоцна се соочила со забелешки по институциите дека преизмето í е долго.
– Малку од имиџ, го задржав презимето. Не за наследство. Родителите беа изненадени. Тие вложуваа во мене, ме растеа и се грижеа 24 години. Ако еден ден станам успешна во кариерата, сакам да се почитува презимето на оној кој вложил во моето образование. Тоа се моите корени од кои не бегам – вели Наталија.
Зајадливите и злонамерни забелешки од роднините и пријателите создале неспокојство во бракот.
– Тоа создаде нервоза, немир кај мажот ми – кажува Наталија.
На Емилија, две презимиња í биле многу комплицирани и смешно и звучеле. Со мерак го зела презимето на сопругот.
– Не се каам. Се нервирам што по банки и другите институции морав да го менувам презимето. Се измалтретирав – рече таа.
Момчињата се поделени. За Димитар, прво треба да се праша партнерот дали се согласува да го даде презимето на брачната сопатничка.
-Моето презиме е одговорност – смета тој.
Во лавиринтот на животот ретките презимиња, позвучните, можат да го свртат вниманието. Кај нас како да е мода да се има долги две презимиња како да значат “подолг идентитет”.
За Јован, бракот, од кој се раѓа ново независно семејство, младите треба да го крепат со едно презиме.
– Дали од мажот, жената или трето, не е битно. Помина времето кога по презимето, бабата го раскажуваше потеклото на фамилијата – објаснува Јован.
Прилепчанки традиционално го прифаќаат презимето од мажот. Тешко “пали” трендот жена со две презимиња. Тоа е најчесто поради наследство. Неофицијално, само десет проценти од венчаните годишно, го задржуваат и моминското презиме.
Во Библијата преовладуваат имињата.
– На црквата не и е важно толку презимето. Кога ќе се крштева детето се спомнува само името, а презимето ја претставува лозата и потеклото на семејството. Бидејќи влијае уште патријархатот, прифатено е да се зема презимето од мажот, како што вели Апостол Павле: “Мажот е глава на жената, како што Христос е глава на црквата”. На црквата не и пречи дали презимето ќе биде од мажот, жената или ќе се задржат обете. Со презимето од мажот, него му се дава приоритет. Жената е како второстепен брачен другар, што не е точно – вели еден свештеник.
Полно законскси мозности
Во Законот за семејство, кој го чита матичарот при регистрацијата стои дека брачните другари можат да го земат презимето на едниот или другиот брачен другар или секој да го задржи своето презиме или секој од нив на своето презиме да го додаде презимето на другиот брачен другар или едниот брачен другар да го преземе на другиот брачен другар и на тоа презиме да го додаде своето презиме.
– Постапката за менување на презимето е долга и комплицирана – кажуваат правниците.
За промена на презимето треба да се поднесе барање, извод, уверение од судот дека не се води кривична постапка и слично, по што надлежниот орган го менува името или презимето. Презимето, како името, е право на граѓанинот. Се запишува во матичната книга и со него не смее да се навредува јавниот морал.