Црковен продавница в чаршија
Во центарот, кај Шарена чешма една година постои црковна продавница. Дуќанот на занаетчиството “ИСХС – Ника”, располага со асортиман за одржување на православието во божјите храмови, облека за свештениците, икони, украси за дома. Или кажано од “игла до локомотива”. Чуден спокој го исполнува амбиентот во кој од сите страни ѕиркаат ликовите на светците, гали кадифето од прекривките, сјајот од свеќниците, одеждите, епитрахилот. Кога делото се прави во слава Божја, а љубовта е двигател, тоа дело е благословено и бесценето. Токму со љубов кон верата, функционира и работи сопственичката Марина Тодороска (36) која е сопруга на свештеник. Првата негова ѓаконска мантија ја направила таа. Зад себе има 20 годишно искуство со шиење на мантии, иако нема завршено никаков шивачки курс, ниту училиште.
– Љубовта почнува од самата вера, ако човек има љубов, православието е љубовта, да сакаш нешто да создадеш, да створиш, нема училиште за шиење. Првата машина ми е купена на времето кога садевме тутун. Шиев за мене, потоа мантии. Коренот на сето ова е во потребата да бидат опремени нашите цркви. Мојот сопруг е во мариовската парохија. Таму е оскудно со опремата на олтарот каде што се служи светата литургија. Престолите се несоодветно покриени со такаречено прилепски, обични чаршавчиња, а некои дури и не се покриени. Заради тоа се опремивме скромно, со една машина. Изработувам прекривки за престолите, мантии, свештенички одежди, сé она што е потребно за да се опреми црквата, односно манастирот. Има правила за сé. Отецот ме насочува. Другото е љубов и дарба за декорација. Во православието секое елемент има свое значење, па дури и бојата – објаснува Марина Тодороска.
Во црковниот бутик има икони, бројаници, сувенири кои го надополуваат амбиентот. Доминираат изработки од квалитетно памучно кадифе во црвена боја, кое се вези, се украсува со ширити, со ресички, да биде побогато, поторжествено.
-Свештениците сами купуваат мантии. Одеждите може да ги донира и црквата или одборот за селски цркви од приходите кои се собираат. Доаѓаат свештеници од Битола, Струмица, Кавадарци – објаснува Тодороска.
Во работа пристапува со молитва, со трпение.
– Суштината е во молитвата. Без молитвата православен христијанин не може да дише. Како што ни е храната, така ни е молитвата. Тоа е една капка благодат да опстоиме како личности, да имаме сила и трпение да можеме во животот да продолжиме и ги поминеме сите искушенија на кои наидиуваме – објаснува Тодороска.
Граѓаните кои сакаат да подаруваат за спасение на семејството за Бог во Божјиот храм, можат да добијат објаснување и насока. Прилепчани се дарежиливи. Им помогаат на храмовите. Сакаат да подаруваат, да се отчестуваат, со прекривки, за крштевање, за осветување на дом.
– Се трудиме муштериите кои сакаат да подарат за слава во некоја црква или манастир, наместо икони, да ги мотивираме да изберат предмети наменски. Покровци или дарци, тоа се оние прекривки со кои се покрива Светата причесна, за светата литургија. Има избор и за домашен иконостас – објаснува Тодороска.
Името занаетчискиот дуќан ИСХС – Ника го носи по главното лого на православието, Исус Христос – Ника Победа, Исус Христос секогаш победува.
– Сакаме да бидеме безвременски, нештото да остане, се трудиме, и Господ здравје, и идните генерации да го продолжат. И самиот Бог кој бил вчера, ист е денес и век и веков – вели Марина Тодороска од “ИСХС – Ника”.
Секое дело и дар ја отсликува човечката душа кои се спомен за навек.
ИКОНИ, СВЕЌНИЦИ, БРОЈАНИЦИ…
Изработуваат предмети по порачка. Има икони украсени со циркони, со филигран техника, иконописни и изработени со 24 каратна позлата. Панделки за дикири и трикири или за украсување на свеќи за крштевка или венчавка. За домашен иконостас нудат комплет со чаша – кандилце, шише за осветена вода. Ја имаат господовата молитва изработена на тенок медијапан со ЦНЦ обработка, обоена со златна боја и залепена на заднина. Знамиња, торбички за просфори. Свеќници од месинг, бројаници од восочен конец, прекривки за Светиот престол, приврзоци за клучеви, темјан – јасмин…