Се очекуваат повисоки цени од лани
Без проблеми почна откупот на тутунот во Тутунскиот комбинат, откако се отвори пунктот во градот и 21 во селата со 31 вага. Просечната цена е повисока од лани поради подобриот род годинава.
– Имавме правилен распоред на врнежите и добро сушење на тутунот. Од теренот службите кажуваат дека реколтата има подобар квалитет. Се очекува повисока откупна цена од лани. Исплатата ќе биде за еден ден – изјави Кире Станкоски, директор на Тутунски Комбинат Прилеп.
– Родот на тутунот годинава е поквалитетен во споредба со лани. Според она што е проценето, мислам дека кооперантите се задоволни – вели проценителот Верче Коцеска.
Тутунарите не очекуваат проблеми.
-Тутунот е многу убав, нема скапан, нема гнил. Мислам дека добро ќе оди проценката – вели Методија Ѓорѓиоски, тутунопроизводител.
-Супер помина проценката на тутунот. Скоро сé е прва и втора. Малку, е трета класа. Задоволни сме – вели тутунопроизводителот Сејдие Салиоска.
Откупувачите признаваат дека родот е со подобар квалитет.
Од Сојузот на земјоделски здруженија очекуваат просечната цена да биде од 180 до 200 денари.
-Гледаме во Тутунскиот комбинат дека линијата за проценка е добра сега за сега. Понатаму ќе видиме. Препорачуваме тутунопроизводителите да носат тутун од сите берби. Така ќе биде најдобро и ќе се добие најреална слика – потенцира Злате Данески, претседател на здружението Мице Козар.
Од новоформираните тутунски здруженија повикаа на максимална будност и на поверениците и на инспекциите.
-Сојузот да биди присутен на откупните ваги. Преку поверениците може да се делува во одбрана на квалитетот на родот на тутунарите. И земјоделскиот инспекторат да биди буден и присутен цело време – бара Игор Мирчески, коориднатор на новоформираните тутунарски здруженија.
Годинава тутунарите очекуваат реколтата да тежи помалку, односно околу 19 илјади тони. Потпишани се договори за 22 илјади тони тутун.
Пунктовите ги отворија Тутунскиот комбинат, Сокотаб од Битола и Алијанса од Кавадарци.
Откупот официјално трае до 31 март наредната година.