РЕТКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА АРХЕОМЕТРИЈА

Институтот за старословенска култура   

Институтот за старословенска култура (ИСК) доби лабораторија за археометрија, што е реткост во Европа. Ова  е голем чекор за македонската археологија, бидејќи се добиваат поверодостојни податоци при истражувањата.

Според д-р Христијан Талевски, научен соработник во ИСК, високата технологија се применува при истражувањето на физиката, хемијата, медицината и во археологијата се добиваат релевантни податоци за животот на луѓето во минатото.

– Примената на археометријата го стеснува просторот за субјективна интерпретација на материјалните остатоци од човечкото минато. Преку примена на егзактни методи, се добиваат аргументи за соодветна интерпретација на материјалните остатоци. Секако дека постои можноста за ангажирано интерпретирање на аргументите, но критичкиот апарат располага со потенцијал за елиминирање – вели Талевски.

Идејата е во рамките на лабораторијата да се развие повеќестрана дејност надвор од научно-истражувачките активности во археологијата. Внимание ќе се посвети на едукативните активности за археолози, но и за најмладите, од каде што треба да произлезат наследници.

Институтот следните три години ќе истражува на средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Порече. Проектот ќе ги заокружи сознанијата за развитокот на средновековната култура.

-Проектот ќе ги продлабочи научните сознанија со вградувањето на принципиелно новите сознанија во проучувањето на средновековните населби, особено со третирањето на манастирите како особен вид како носители на духовниот и културниот прогрес за одредени територии – вели д-р Бранислав Ристески, директор на Институтот.

Loading