ФОРМУЛАТА ЗА УСПЕХ: ДОБРИ НАВИКИ И ПОДАЛЕКУ ОД ТОКСИЧНИ ЛУЃЕ

Прилепчанката Христина Цветкоска, позната јутуберка и инстаграмџика

Меѓу младите, особено љубителите на јутјуб видеата мошне позната е Христина Цветкоска позната како Кике Цветче. На јутуб каналот и на Инстаграм има по десет илјади следачи. Нејзината борба со вишокот килограми освојува многу млади и урива бројни стереотипи. Заедно со нејзиниот сопруг Иван Бошковски – Ајнштајн се брачен пар кој работи и живее од правење и споделувања видеа на интернет. Малкумина знаат дека Цветкоска е прилепчанка, која, иако живее во Скопје, доаѓа ретко, но го сака Прилеп. За Зенит открива интересни размислувања.

Дали Христина Цветкоска е необична девојка? Зошто Кике Цветче? Или по прилепски мора да се има прекар?

– За некого необична, за некого можеби здодевна, но секогаш своја. Секој ќе си оформи свое мислење, а во меѓувреме се трудам да бидам достојна на моите верувања. Кике Цветче произлезе како еден вид на кратенка од моето целосно име и презиме, ама мислам дека типичен прилепски прекар уште немам добиено.

Како и зошто некој кој што завршил англиски јазик, се пронајде со работа на социјалните мрежи?

Формалното образование е само патека во животот којашто одлучуваме да ја одиме и да стигнеме до целта каде се пронаоѓаме себе си. Всушност, која патека и да ја одбереме, порано или подоцна, откриваме нови интереси, во зависност од тоа колку му даваме шанса на светот.

Што работиш всушност? Дали јутуберството и инстаграмџиството е професија, се заработува ли за живот?

Чекај, од што не се заработува денес? Да му се поклониме сите на неговото височество – Интернетот – и да ги користиме можностите што ги нуди.

Виртуелниот свет не го разбираат возрасните. Колку твоите поддржувачи и следачи може да научат од тебе?

Мислам дека веќе и повозрасните генерации почнуваат да го разбираат. Барем заинтересираните да учат нови работи. Гледаат да ги следат промените во светот. Не сум некој мотивационен говорник, иако многумина ме доживуваат како таква, но јас сè што правам е споделување на моите ставови, искуства и, воопшто, мојот живот. Всушност, моите следачи успеваат сами да го извлечат она што им е потребно од мојата содржина.

Колку време минуваш на интернет, дали денот и ноќта ги заменуваат местата?

Работата ми е на интернет. Голем дел од денот поминувам таму. Порано знаев да се будам во три попладне и да си легнувам во осум наутро. Со времето, успеав да воведам рутина на легнување и будење во разумно време.

Кои видеа поминуваат, кои пораки ги испраќаш?

Во видеата претежно е прикажано моето секојдневие и мојот живот. Не се борам за прегледи, ниту за слава. Се трудам да создадам мала заедница од луѓе на кои им е интересно и корисно да го следат тоа што го правам.

Имаш успешна борба со вишокот на килограми, поддржана со фотографии. Како и другите да станат херои?

Само со приоритетизирање на здрави навики. Колку повеќе здрави навики ќе одбереш, толку помалку време ќе ти остане за нездравите.

Што и кој ти недостасува од Прилеп? Колку често доаѓаш? Каков е Прилеп во твоите очи?

За жал, не доаѓам често колку што посакувам. Ме спречуваат обврските и работата. Секое доаѓање е кратко и е само посета на фамилијата и неколку другари останати таму.

Планови, идеи, стратегии за понатаму?

Планот ми е да се држам до добрите навики, да стојам подалеку од токсични луѓе и да наоѓам забава во сè што правам.

Постои ли формула за успех или се оди со експеримент?

Прочитај го одговорот на претходното прашање. Тоа е формулата за успех.

Дали јутјуб каналот доволно се користи за рекламни пораки. Како еве на пример Зенит да стане популарен на Јутјуб или тоа ќе го направи интервјуто со Кике Цветче?

Стекнувањето на популарност е лесниот чекор. Ако сакаме да ја искористиме, потребно е да ја одржуваме. Се постигнува со оригинална содржина, за којашто само случајно можат да бидат заинтересирани одреден број на луѓе во тој период од постоењето на светот.

НАЈДОБРИ ДРУГАРИ,  ОД СТАРТ ДО ДЕНЕС

Со Иван Бошковски сте во брак. Дали е поинакво брачното гнездо на јутјуберите Иван Ајнштајн и Кике Цветче? Како функционирате како пар?

Како најдобри другари, од стартот до ден денес. Ништо не е сменето. Напротив, со годините успеавме да се сплотиме сè повеќе и да го направиме секој ден поубав од претходниот. Не му придаваме толку големо, би рекла и вештачко, значење на бракот. Тој е една обична формалност која не заслужува да има моќ за промена на односите меѓу партнерите. Најважно е во една заедница да има слога и разбирање која ќе трае и ќе се надградува со годините.

НАСМЕВКАТА Е ВО ГЕНОТ

Карактеристична си со насмевката и ведриот дух. Има ли нешто од прилепскиот мајтап и шегата која се носи со генот?

– Околината во којашто живее еден човек влијае врз него. Прилепско има останато во мене. Мислам дека го имам прилагодено на сегашната Кике и нејзиното опкружување. Татко ми ми е идол во животот. Ведрината ми е  негово наследство. Од мала ме научи да бидам секогаш насмеана и со позитива да и пристапувам на секоја ситуација.

Loading