ПРЕД БРАТСТВО УШТЕ ЕДНА ЗАДАЧА – ДА ЈА СОВЛАДА СЛОГА

Фудбал

Екипата на Братство од Житоше е последна на табелата од Втората лига – Исток. Во најновото коло со 4:0 загуби од Детонит, но никој не смее да ја потцени, поради ремито со фаворитот Беласица (1:1) и победата со тогашниот лидер Саса (2:1). Оттука, љубителите на фудбалот очекуваат ново изненадување в недела во 13 часот на Могила, кога доаѓа уште еден фаворит, виничка Слога, второпласирана со ист број бодови колку и првата Победа. Со триумф Братство ги одржува надежите за опстанок, а и помага на Победа.

Победа и сама си помага. Во Струмица со голот на Андреј Петкоски со 1:0 ја совлада Беласица. Тоа е петти триумф во серија. Составот беше без Дарко Анѓелески, а со повратниците Даниел Карчески и Петар Најдов. Наместо в недела, в сабота е гостувањето кај Кит-Го во Пехчево.

Табела: Победа и Слога по 22, Саса 17, Кит-Го 15, Беласица 14, Осогово 11, Детонит 10, Кожуф 9, Локомотива и Братство по 4.

Шампионот пресилен

Женската екипа Деспина со 1:4 дома загуби од Саса. Шампионот беше подобар. Претходно прилепчанките се поразени со 6:2 на гости од Скопје.

Во наредното коло е гостување на Тиверија во Струмица.

Loading