ЖЕЛБИТЕ И БАРАЊАТА НА ГРАЃАНИТЕ ВО КОНКРЕТНИ ПРОЕКТИ

Горан Сугарески, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата “Најдоброто за мојата општина”

Подобрен деловен амбиент за долгорочните инвестициски циклуси

Тимски, силно и непоколебливо, на терен меѓу граѓаните, ја презентираме нашата визија уште за помодерен и поразвиен Прилеп. Новите булевари и кружни текови, новите сообраќајни решенија за влезовите во градот, ревитализацијата и урбанизацијата на индустриските зони, како и донесувањето на новиот Генерален урбанистички план, се дел од проектите за подобрување на условите на бизнис секторот. Стопанственици, во подобрен деловен амбиент, ќе ги планираат долгорочните инвестициски циклуси за нови производствени капацитети, нови инвестиции. Изградена е нова клучка кај ТИРЗ Прилеп од 4 милиони евра за безбеден сообраќај и побрз транспорт за нови инвестиции.

Булевари за големите сообраќајници

Продолжуваме со реконструкција на булеварот “Гоце Делчев” до новата автобуска станица. Новиот лик на влезот во нашиот град од Скопје, го заокружуваме со ново булеварско решение до кружниот тек кај Солидност. Реконструкцијата на влезот од Битола, продолжува со булеварско решение до раскрсницата кај Чумовчани. Градиме нов кружен тек кај новата автобуска станица. Тесното сообраќајно грло го решаваме со нов модерен кружен тек. Реконструкцијата на 9 км од патот за Витолиште, прва по градбата од 1979 година. Тоа се случи кога го предводев Министерството за транспорт и врски.

Бесплатен оброк за учениците

Проект со кој ќе бидат опфатени сите деца од основните училишта од градот. Воведуваме бесплатни униформи за сите ученици од основното и средното образование. Бесплатни еднодневни екскурзии од едукативен карактер за основците и средношколците.

Игнорирањето на ТВ дуелите е потценување на жителите

Изразувам жалење што трипати прилепската јавност не можеше да види и слушне за што се залага ВМРО-ДПМНЕ. Игнорирањето на ТВ дуелите е потценување на жителите на Прилеп и целокупната јавност и неизбежно потсетува на груевизмот, како одамна поразено недемократско владеење. Наша должност е да ги соочиме нашите планови, визии за иднината и концептите како ќе им служиме на граѓаните. Секој сам избира дали ќе ги почитува гласачите и демократијата. Довербата се заслужува, не е дадена од Бога!

Занаетчиите се партнери на Општината

Прилепската чаршија е една од најубавите и најавтентични во земјава. Егзистираат над 350 занаетчии и вршители на дејност со занаетчиството. Обновата на старото градско јадро и враќање на неговиот автентичен лик ја има мојата целосна поддршка. Занаетчиите ќе бидат партнери во креирањето на политиките на општината.

Комплетно уредување на Градската река

Ново минор и мајор корито на на потегот од печатницата Слово, до вкрстувањето на речното корито со улицата “Јоска Јорданоски”, каде е предвидена градба на мост за моторни возила. Се уредува коритото на Градската река во делот од населбата “Димо Наредникот”, до Сточниот пазар. Има решение и за Дабничкиот канал. Го решаваме проблемот со делумно изграденото речно корито, кое ќе биде целосно исчистено од дивата неурбанизирана вегетација. Ќе изградиме заштитен ѕид на кејот, кој ќе биде хортикултурно уреден со урбана опрема, канделабри и содржини корисни за локалното население.

Заложбите на невладините организации се и мои заложби

Повик за граѓанските организации за финансирање на проекти со средства од општинскиот буџет, два пати годишно и тоа во март и септември. Продолжува работата на Граѓанскиот парламент со учество на граѓанските организации. Креирање на општинскиот буџет преку парципативно буџетирање и одредување на граѓанските приоритети и  формирање на Економско-социјален совет со вклученост и на граѓанските организации.

“ДОГ ПАРК”

Со Кинолошкото друштво да ја возобновиме традиционалната меѓународна изложба. Потребно е, во најбрз временски период да се стави во функција т.н. “Дог парк”, до теренот со вештачка трева во Бончејца, простор во кој сопствениците ќе можат да користат реквизити за своите миленици и да се одмараат на поставената урбана опрема.

Прилеп да биде посакувано место за живеење

Од контакти со сограѓаните, од позитивната енергија на која наидуваме, убеден сум дека граѓаните ќе го изберат  најдоброто за Прилеп. Град во кој младите ќе ги реализираат нивните идеи, град кој ја поттикнува младинската креативност. Затоа, градиме Младински културен центар, нов мултифункционален објект на местото на старата Виша школа, односно сегашниот Работнички универзитет “Пере Тошев”.

Loading