ЗА ПАРИТЕ ЗА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЌЕ СЕ ДОБИВА КВАЛИТЕТНА УСЛУГА

М-р Дарко Конески – носител на листата на граѓанската иницијатива  ,,Че вреди,,

Советот на општината е силна институција, еден вид локален парламент или лева рака на градоначалникот. Како ќе ги артикулирате различните политички погледи во совет, а при тоа да сте од полза на граѓаните?

Во досегашните совети на општината имавме советници кои скоро и да не беа познати за нашите граѓани. Така граѓаните едноставно гласаа за партија и партиски војници предложени од партијата. Советот претставуваше партиска гласачка машинерија. Во следниот состав ќе овозможиме да се отвори широка дебата. Секој од советниците да има можност да ги изнесе своите ставови по одредени прашања. Едноставно, ќе им дадеме можност да размислуваат со свои глави.

Советот носи клучни одлуки, од цените на комуналните услуги, цените на водата, давачките за прочистување и одржување на канализацијата, паркинзите, цените на услугите на ЈП Пазари… Имате некакви идеи за раст на квалитетот и синхронизација со надолна или нагорна корекција.

Цените кои ги плаќаат граѓаните за услугите што ги добиваат од јавните претпријатија се високи. Недостасува ефикасноста на јавните претпријатија. Советот, користејќи ги механизмите за контрола, ќе овозможи раст на ефикасноста и конечно граѓаните да добиваат квалитетна услуга за она што плаќаат. Не може да дозволиме да има рекорден број на вработени во јавните претпријатија, а при тоа да имаме нечисти улици, смет на сите страни и тн.

Каква ќе биде транспарентноста на претседавачот на Советот? Дали финансиски ќе поддржите директно пренесување на седниците, граѓаните да се информираат од прва рака?

Советот на Општината ќе претставува најтранспарентната институција што досега ја имале граѓаните. Од првата седница ќе побараме целосно пренесување на седниците на Советот на интернет. На овој начин граѓаните ќе можат да се уверат дека одлуките кои се во нивни интерес, ќе се носат на транспарентен начин и ќе имаат можност директно да бидат информирани. Ќ е овозможиме и следење на работата на советниците. Кој советник колкупати се јавил за збор, какви иницијативи поднесол, колку се залагал за решавањето на проблемите на граѓаните. Вакви податоци немаме. Советниците во досегашните Совети едноставно ги преспиваа мандатите и одеа само за гласање. Нема да дозволиме да се земаат паушали, а при тоа да се аминуваат партиските одлуки. Ако сакаат паушал, нека си наплаќаат од партиите, а не од данокот што го плаќаат граѓаните.

Како ќе бидете поефикасни во носењето на одлуки во интерес на граѓаните?

Ефикасноста се постигнува со добра организација и мотивирањето на работниците/советниците. Основен мотив треба да им биде подобрувањето на животниот стандард, што досега не беше случај. Досега се задоволуваа само теснопартиските интереси на поединци и градски шерифи. Кога советниците ќе сватат дека треба да работат за граѓаните, а не за партиите, тогаш ќе имаме ефикасен совет.

Ќе поставите ли некои нови, а законити правила за раст на демократскиот капацитет на Советот, оти политичките разлики се богатство.

Следниот состав на Советот сигурен сум дека ќе биде составен од претставници на повеќе политички партии и граѓански иницијативи. Ќе биде шаренолик состав, каков што досега немало. Дебатата  на Советот ќе биде интересна за граѓаните. Ќе овозможиме сите да го искористат демократското право на изразување на своите ставови и мислења. На тој начин ќе донесеме квалитетни решенија за проблемите на граѓаните.

РЕД ВО УРБАНИСТИЧКИОТ ХАОС

Дали имате некои иницијативи кои досегашниот состав не ги постави на разгледување или донесување?

Нормално. Понудата која им ја даваме на граѓаните е многу различна од онаа на која што тие се навикнати да ја добиваат од досегашните близначки партии (ВМРО и СДСМ). Ќе преминеме кон целосна реорганизација на јавните претпријатија да се зголеми ефикасноста, извештаите од нивното работење нема да бидат како досега само аминувани на Советот, туку ќе бидат детално разгледувани. Доколку е потребно директорите ќе се повикуваат на соодветна одговорност. Формирањето на зимска служба, решавањето на проблемот со депонијата во Алинци, Младински Културен Центар, електронскиот систем за прием и следење на предметите, ставање ред во урбанистичкиот хаос, вело патеките, поддршката на спортските здруженија, создавањето на услови за развој на локалната економија, грижата за пензионерите, нема да бидат само дел од предизборните ветувања и давање само на декларативни поддршки. Тоа ќе биде реалност и граѓаните ќе ги почувствуваат благодетите од тие проекти.

Loading