ГЛАСАЊЕ СО ТОПЧИЊА

Во претходниот систем на едноумие, гласањето, макар и за најниско, оштинско ниво, било само формалност. Се знаело однапред кој ќе биде намесник, секретар или претседател на општината. Алфа и омега била единствената партија – комунистичката. Повисокиот ешалон решавал и за последниот државен службеник. Тешко се стасувало до работно место без книшка од КПЈ. За секој имало досие, податоци од поранешното дејствување, па дури и се проверувало семејното стебло.

Фотографиран е момент од симболичното гласање за општински совет во 1963 година. За писмените имало ливчиња со “ДА” или “НЕ”, а за неписмените системот бил поинаков. Тие гласале со гумени топчиња во три кутии. Првин земале гумено топче, го стегале да не се гледа и ја ставале раката во трите кутии една по друга, без да ја отворат. После третата кутија, ја испружувале дланката да покажат дека го испуштиле топчето во кутиите “ЗА”, “ПРОТИВ” и “НЕОДЛУЧЕНИ”. Топчињата биле гумени да не се слушне кога ќе падне некаде. Се зборувало, најчесто да се предизвика страв, дека кутиите се без долната страна и некој долу знае кој за што гласал. Арно ама, како и да гласале, комисијата која ги броела гласовите го имала крајниот збор, и одлучувала кој ќе биде избран. 

Loading