ПРИЛЕП ЌЕ СТАНЕ ОГРОМНА СОЛАРНА ЕНЕРГЕТСКА ЗОНА

Интервју  Зоран Митрески, кандидат за градоначалник за Прилеп од партијата Интегра

– Да бидеме ние своја верзија на Норвешка со систем каде сограѓаните ќе ги направиме повторно горди на себе и своето постоење.

Посветени сте во развој и практика на техничката наука. Зошто еден експерт во енергетиката, се вклучува во трката за градоначалник на Прилеп предложен од партијата Интегра?

Желба ми е целото свое знаење да го пренесам кај младите заинтересирани да го преземат и да врежам свој белег во системот. Духовно сум воспитуван патријархално со правилата на семејните вредности, слободоумен. Чесноста ми претставувала водич во животот. Никогаш не сум бил член ниту симпатизер на ниту една партија и луѓете ги респектирам без оглед на партиската обоеност, религија и вера. Сум верувал во чесноста и правдината, меѓутоа случувањата од времето на транзицијата под владение на СДС, потоа 12 години владеењето на ВМРО, резултираше од експлозија на незадоволство поради неподносливоста на тогашниот систем. Според природните закони и жед за правдина спонтано се појавува обоената револуција од која сите очекувавме достоинствен живот, слобода и демократија. Но, сведоци сме дека од сите овие нешта нема ниту трага, ниту глас. Последните несреќни настани поради кои сите ние сериозно страдаме се режирани како во театарска претстава и холивудски судски процеси кои придонесоа мојот ум да експлодира и мојот интелект по нормална линија да јави отпор со желба нешто да промени во корист на нормалноста. Интегра ја гледам како единствена партија во Македонија чија програма содејствува со моите визии како треба да функционира еден систем. Подолго време нивниот предлог стоеше на маса. Но, последните настани кои ги доживуваме не се ниту нормални, ниту исправни според било која нормална логика. Затоа уверен сум дека со поддршка ќе ги реализираме сите енергетски проекти опфатени во програмата.

Доаѓате од реалниот сектор. Како знаењето да се имплемнтира во успешна градска приказна? Имате ли оригинални предлози за секој прилепчанец?

Изградба на огромна соларна енергетска зона. Можност на секој граѓанин во кофинансирање во овие соларни системи. Наместо своите заштедени средства да ги уплаќаат во банките и секоја година да се губи од нивната реална финансиска моќ, ќе им се овозможи исплата и профит на годишна дивиденда. Брза постапка за добивање на документација за изведба на овие системи и за сите напредни проекти. Гасоводниот цевковод кој, иако минува крај Прилеп, реално нема шанса да се приклучи наредните 10 години, кога се очекува цената на гасот да биде повисока од цената на обновливите енергенси. Така во постојните парни системи ќе инсталираме комбиниран соларен- водороден систем. Изградба на рудници за неметали и фабрики за полуфабрикати. Помош во соларни системи за хидро наводнување во земјоделството и овоштарството со можност за отплата од 1-3 години. Помош и отплата на соларни системи до 50 кв изведени на своите покриви, систем кој функционира во сите европски земји како и во нашето опкружување (кое во најскоро време мора да се промени во Законот за енергетика). Преку фондот за инвестиции формиран од општината ќе се помага во инсталирање на системи за електрични возила во јавниот и приватниот сектор. Во Прилеп ќе се обнови чистиот воздух. Постои огромен интерес од странски инвеститори спремни за инвестирање во сферата на енергетиката, ИТ технологијата, овоштарството, земјоделството, сточарството… Потребна е само координација и подобра бизнис атмосфера. Општината постои за граѓаните. Таа е сервис на граѓаните и фирмите. Нужна е експедитивноста за издавање на соодветна документација за бизнис развојот. Таа треба да е поефикасна за да не замре желбата за инвестирање во бирократскиот лавиринт.

Прилеп има огромни природни ресурси кои можат да се стават во функција на бизнисот?

Граѓаните ќе може да кофинансираат во соларни системи, неметалните руди како: мермер, гранит, травертин итн.  На сите заинтересирани странски и домашни фирми ќе им се овозможи добивање на користење на одредена локација за ископ на рудните богатства. Со тоа, наместо да ги земаат само како блокови, да мора дел да се преработуваат во близина на рудникот или во индустриската зона во Прилеп. Тоа е можност за повеќе вработувања. Имаме многу странски инвеститори кои сакаат да вложуваат во фотонапонски фарми во прилепско. Тука има простор за вработувања на многу млади кадри, не само во градбата, туку и во техничкото одржување после пуштањето во производство. Се наоѓаме во перфектна положба каде имаме перфектни услови за тоа. Странските фирми го знаат тоа. Се чека позитивен сигнал и тие веднаш доаѓаат за конкретни договори. Тука е и земјоделството, сточарството и овоштарството кои може да се кренат на повисоко ниво со производство на еколошка храна барана во светот.

Инфраструктурата е клучна за развојот на економијата?

Се наоѓаме во централниот дел од земјата каде по природа на нештата многу е тешко да се донесат инвеститори. Плус негативност е катастрофалниот пат за кој сите досегашни влади само ветуваа, а не исполнуваа. Тоа е еднакво на лага. Патот Прилеп – Битола е граден во времето на социјализмот со Младинската работна акција Мариово, каде сум бил и учесник во штабот како инструктор на акцијата. Многу бригади од југословенскиот простор го градеа овој пат во осумдесеттите години, а патот не е допрен повеќе од 42 години.

Има ли надеж за идните генерации и сигурност за старите лица?

Со децении сите генерации се манипулирани, задојувани со некакви политички идеологии кои од нивните животи направија хаос по вертикала и хоризонтала. Кај младите постои тотална безнадежност. Спасот го гледаат да се пишат како Бугари за да избегаат од ова дно кое се повеќе и повеќе пропаѓа, а од решенија нема ниту трага. За жал, нивниот спас се претвора во меѓународна политичка игра. Ниту една влада не презела стратешко решение за привлекување на младите, а преку моите идеи кои се идентични со идеите на Интегра, ги гледаме како спас и атрактивно вработување на сите, преку странските инвестиции. За жал, сите лица кога заминуваат во пензија го доживуваат шокот на сите можни социјални промени и се чувствуваат отфрлени и некорисни за општеството. Преку организиран културно социјален живот нивните денови ќе се направат позитивни. Планирам да  воздигнам и унапредам пензионерски дом. На 10 хектари, со странско искуство, ќе се изградат старски домови, парк за рекреација и дружења. На пензионерите да им биде благословен остатокот од животот.

Ветувања или реални и изводливи проекти?

Предлозите за поквалитетен животво мојот Прилеп се направени со сериозна анализа. Не ветувам дека во Прилеп ќе изградам 500 хидро централи, не ветувам дека ќе донесам луѓе од Норвешка да нé пренесуваат во нивниот систем, ама ќе ветам да бидеме своја верзија на Норвешка со сопствен систем, каде своите сограѓани ќе ги направиме горди на себе и на своето постоење. Средната одамна изгубена и украдена класа да се врати повторно во нашите животи. Ќе се борам за децентрализација на моќта на централната власт во даночните средства во буџетот. Моментните 18 отсто со потполно право на централната власт да им помага само на општините според симпатија, а треба да биде 15, плус 3 отсто. Тоа значи да 15 за буџетот на државата, а 3 отсто за општинската каса. Секоја општина да се бори да биде што поуспешна и да внесе што поголем буџет во општинската каса за квалитетни проекти во интерес на своите граѓани.

mitreski 2КОЈ Е ЗОРАН МИТРЕСКИ?

 Зоран Митрески, роден во 1961 година во Прилеп од работничко семејство, воспитуван во патријархален дух. Денес среќно женет во хармонија со својата сопруга, своите два сина кои се женети и двете внуки.

Во младоста сум учествувал во неколку спортски активности (карате и аеро клубот) како и своевремено инструктор во фото кино клубот, како и член во штабот на Младинската Работна Акција “Мариово 79” која во тогашно време го градела патот Мариово и Прилеп – Битола. Прво вработување ми било во електро одржување во текстилната фабрика “Билјана” кое траело само 3 години кога одлучив да ја формирам својата фирма во Прилеп.  Поради бурните услови за работа во деведесеттите години одлучив привремено да заминам во Британија каде останав скоро 15 години. Се вратив во 2013 година каде повторно ја формирав фирмата со електро дејност која и денес е во функција. Со политика никогаш не сум се занимавал, ниту размислувал на таа тема, меѓутоа сите јавни настани последниве години направија мојот мир да експлодира поради безбројните јавни афери кои не дозволуваат нашите животи да ни тргнат во правец на достоинствен живот на човечки суштества од 21 век. Преку својот ангажман како потенцијален кандидат за градоначалник на град Прилеп ќе го дадам својот максимум да ги отстранам сите аномалии кои не им дозволуваат на фирмите од овој град заслужен развој и вработување на младите кои се срцето, духот и крвотокот на овој град.

Ќе бидеме ли пак спортски град?

Веќе 20 години како спортскиот живот е на изумирање или вегетирање. Во здраво тело има здрав дух, ама изгледа дека на сите претходни владеачки партии здравиот дух не им била целта. Прилеп отсекогаш бил спортски град со спортисти кои го прославувале името и на многубројни светски натпревари. Спортовите како фудбалот, ракометот, кошарката, карате, џудо, велосипедизам, едриличарство, падобранство, стрелаштво итн.  давале имиња на светско ниво, за кое ќе направам огромен напор барем дел од овие спортски дисциплини да се вратат во спортскиот живот на градот.

Loading