Катерина Богданоска Цуцулоска (28) и Кристина Богданоска Митреска (28) се близначки кои родија близнаци

Нема поголема среќа на светот од доаѓањето на потомокот. На првиот детски плач, се радуваат сите, не само родителите, роднините. Се радува секое човечко суштетство затоа што се продолжува сојот, се множи нацијата, се пренесува генот. А токму, наследената биолошка лоза во клетките, на близначките Катерина Богданоска Цуцулоска (28) и Кристина Богданоска Митреска им донесе троен односно двоен пород.
– Да се биде близнак е чувство кое обострано го имаат две личности. Имаш и другарка, и сестра. Искреност за цел живот. Во нашата фамилија, од страна на мајка ми Гордана, нејзиниот дедо бил близнак, па преку едно колено се пренесло на мојата мајка. Како што таа кажуваше, очекувавме дека и кај нас ќе се пренесе преку едно колено. Прво мојата сестра Кристина роди близнаци. Бевме премногу изненадени. Кога забременив очекував дека ќе ми каже докторката дека носам едно. Но, кај нас се случи чудо, дури три бебиња! Чувството е неописливо кога од срце и нетрпение чекаш да појдеш на гинеколог за потврда. Тоа беше посебен ден. Ќе го памтиме цел живот! Во моментот не знаев што точно чуствувам дали е тоа можно, дали имам толку голема среќа што Господ баш нас нé одбрал да ни подари на свет три ангели. Др. Мимоза Капетаноска ја водеше бременоста. Со сопругот Сашко бевме среќни и со нетрпение чекавме да се родат. Размислувавме што да купиме, вака ќе направиме… Се породив на 32 недела, бидејќи бебињата сакаа да излезат на свет. Ќе му посакам на сите да им дава Господ сé што ќе посакаат и верба во Бога! Имаме активност 24/7. Ми помага сопругот Сашко и бабите и дедовците, чија среќа се Лука, Јана и Хана – вели Катерина Б. Цуцулоска.
Денот го диктираат активностите околу тројката. Вклучени се сите членови на семејството.

– Утрото почнува со трите ангелски гласа, со подготовка на храна. Кој како е слободен зема бебе да храни. Морам да спомнам дека дедото Гоце се вложува максимално кон внуците со хранење и пресоблекување – објаснува Катерина Богданоска Цуцулоска.
Катерина и Кристина имаат уште една сестра, која нема близнаци. Нивните домови се полни со радост и среќа кои ги носи детскиот џагор.
Кристина Богданоска Митреска (28)
Исти, а различни
– Поврзани сме како два различни цвета од иста гранка. Сестринската љубов е безусловна, чиста, силна. Како пресреќни сестри, а сега и мајки, секогаш ќе се грижиме за нашите ангели да бидат позитивни, среќни, насмеани и весели. Споделувам шега од факултет. Еден професор не веруваше дека сме близначки со сестра ми. Побара лични карти. бидеќи сме двојајчани и не личиме. Така и нашите бебиња се двојајчани, сигурно ќе имаат и тие доста такви случки. Беше интересно детството. Имав другарка постојано до себе. Никогаш не бев сама. Седевме во иста клупа, секогаш бевме заедно. Нашиот дедо, на нашата мајка татко, бил близнак. Таа е пресреќна мајка и баба сега на 7 внучиња. Мојата прабаба се викаше Бона Алексоска што ги роди близнаците, тоа се мојот дедо Атанас – објаснува Кристина Богдансока Митреска која е во брак со Бојан Митрески.

ИМИЊАТА НА ТРОЈКАТА ПО ИЗБОР НА ТАТКОТО САШКО
– Дојдовме до моментот за имиња на нашите ангелчиња. Имавме пишано на ливчиња повеќе имиња кои ги сакаме, бидејќи не можевме да одлучиме со сопругот за кое! Интересно беше што сопругот Сашко кој прв влечеше, ги извлече имињата Лука, Јана и Хана. Но, тоа не беше сé. Рековме, ајде да влечам и јас, да видиме што ќе извлечам? Верувајте, ги извлеков и јас истите имиња! Бевме пресреќни! – вели Катерина Б.Цуцулоска.

![]()

