Маријана Ѓорѓиевска на врвот Арарат
Прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска се искачи на врвот Арарат 5137м во Догубајазит, Турција. Таа, овојпат, планинарскиот подвик им го посвети на колегите од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. На фотографијата објавена на Фб, напиша: “Заедно, секојдневно поместуваме планини. Овој врв е за вас!”. Ги означи колегите заедно со директорот Деан Тошески кои за миг ,,ги извлече,, од канцелариите на јавната установа и ги “пренесе” на планината да го почувствуваат студот и височината. Затоа доаѓаа безброј коментари со поддршка за девојката која не мирува, туку е благодарна на искрата која во неа непрестајно гори да открива предизвици и доживува нови авантуристички утра.
Во февруари Маријана Ѓорѓиевска се искачи на највисокиот врв во Африка – Килиманџаро, 5.895 мнв. во североисточна Танзанија. Претходно таа го совлада највисокиот врв во Европа, Елбрус и највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва во Аргентина, 6.962 метри.